Над четиристотини ученици од земјата испратија литературни и ликовни творби на годинешниот конкурс по повод Светскиот ден на штедењето, што традиционално го распишуваат Народната банка и Министерството за финансии.
Според организаторите учениците од земјата сѐ повеќе се интересираат за финансиската едукација и за важноста на соодветното управување со личните финансии и со штедењето, што е резултат и на постојаните вложувања во сферата на финансиската писменост, а се потврдува и преку резултатите од годинешниот конкурс по повод Светскиот ден на штедењето и покрај специфичните околности наметнати од пандемијата на ковид-19.
На веб-страницата на Народната банка, се објавени резултатите од конкурсот, а наградени се вкупно 12 ученици од основните училишта и тројца средношколци. Истовремено, добитници на пофалница се осум основци и еден средношколец. Резултатите се достапни тука.
На конкурсот пристигнаа вкупно 373 творби од учениците од основните училишта, од кои 100 песни, 91 расказ и 182 цртежи. Во литературните творби, како што наведуваат, се препознава настојувањето на учениците, значењето на штедењето и создавањето навика за штедење да го претстават на имагинативен начин. Според оцените на комисијата, особено меѓу пристигнатите раскази, забележливо отскокнувале неколку творби во кои се истакнува талентот, трудољубивоста, уникатниот стил и финансиската едуцираност на младите автори, секако, соодветно на нивната возраст. Креативноста и индивидуалноста во идејните решенија се одлика и на пристигнатите ликовни творби.
Особено е забележлива зголемената бројност на пристигнатите есеи. Конкретно, во рамки на рокот, на конкурсот пристигнаа 60 есеи, напишани од ученици од повеќе средни училишта од повеќе општини – повеќе отколку во претходните две години, кога пристигнуваа по околу 40 есеи. Ова покажува дека веќе во третата година од спроведувањето, овој конкурс е препознатлив меѓу средношколците и го привлекува нивното внимание.
Поголемиот дел од пристигнатите есеи, според оцените на комисијата се одликуваат со солиден квалитет според сериозноста на пренесените ставови и стилот на изразување, коишто демонстрираат и забележливо ниво на финансиска писменост. Есеите на средношколците потврдуваат дека постојат развиени навики на штедење кај дел од младите луѓе во земјата, но сепак, во дел од трудовите отворено се упатува на потреба од поголема информираност за штедењето и финансиските институции, што е директна потврда за потребата од натамошни активности во доменот на финансиска едукација на младите.
Народната банка и Министерството за финансии, во соработка со другите финансиски регулатори, за претстојниот период планираат да бидат спроведени и други активности во сферата на финансиската едукација, соодветно прилагодени на условите на „новата нормала” во текот на здравствената криза. Еден дел од активностите, секако ќе бидат посветени на младите.
Клучно, по низата успешни активности спроведени во изминатите години, во завршна фаза е подготовката на првата Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, со којашто се очекува уште повеќе да се засилат координираните активности за поттикнување и унапредување на финансиската писменост.