Битиќи: На секоја домашна и странска компанија ќе им се даде можност според законите, тие да ги искористат

 Државата е овде да креира можности, да креира услови, да креира предвидливо опкружување. На секоја домашна или странска компанија ќе им се даде можност според законите да ги искористат тие можности. Тоа значи ќе добијат активен договор во којшто треба да ја направат инвестицијата, но секако според законите ќе добијат рок. Ако во тој временски период не ја направат инвестицијата од различни причини, да им се раскине договорот. Ако е грешката кај државата ние ќе ја поправиме, т.е. ќе се извиниме и ќе им го продолжиме рокот. Ако тоа не е направено заради инвеститорот, секако ќе го раскинеме договорот затоа што сметаме дека на другите треба да им да дадеме можност.

Ова денеска го изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на компанијата „Хај-тек”.

– И ова се релации коишто мора да бидат јавно, транспарентно обзнаени и нема никаква лоша намера и лоша позадина. Дополнително, што склучувањето на договорот не значи финансиски импликации за државата. Се додека инвестицијата не се направи, финансиските импликации не се случуваат. И затоа мислам дека ние мора да се навикнеме дека во отворен пазар ќе доаѓаат и ќе заминуваат компании. Ќе останат само оние коишто навистина ревносно сакаат тоа да го направат, а ние нив ќе ги поддржиме. И тоа значи се што им следува законски ќе го добијат, како што е денеска нашиот пример. Но, на други компании коишто сметаат дека треба надвор од законите да постапуваме, нема да го добијат. Тоа еднаш засекогаш треба да биде јасно на сите, нагласи Битиќи.

Потенцира дека ако кој било ги има прекршено законските одредби, ќе се раскине договорот.  -И најверојатно тоа е политиката. Ние сега ги гледаме сите, затоа што јас го имам преземено како кабинет портфолиото на инвестиции, ги прегледуваме сите договори, ги посетуваме сите компании и на сите им кажуваме тоа што им следи ќе се продолжи. Таму кај што се нарушени договорните обврски секако ќе се раскине, рече Битиќи.

Вицепремиерот по посетата изјави дека „Хај-тек” е една семејна компанија која има традиција од 40 години и која, како што рече, покажала дека само со инвестиции во истражување и развој може да станете конкурентен, не само на македонскиот пазар, туку и во регионот и на глобално ниво.

-Ова е една од 245-те компании која што во изминатите три години има склучено договори за финансиска поддршка од страна на државата од мерките за Планот за економски раст, односно Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Компанијата „Хај-тек” во овој момент само во Македонија вработува 200 вработени, инаку е присутна и во уште четири други држави или со вкупен број на вработени од 265 вработени. Изработуваат производи со додадена вредност, кои се користат во сите електронски уреди во автомобилската индустрија, во авионската индустрија, апарати за домаќинство и медицински уреди, индустриски машини, комуникациска технологија и други сектори, рече Битиќи.

Изрази задоволство што поголемиот број вработени се високо едуцирани луѓе, претежно инженери, кои го користат својот потенцијал и знаење дома, во нашата држава.

Вицепремирот го поздрави ентузијазмот на ова компанија и сопственикот кој, како што рече, беше првиот којшто инвестираше во објект во ТИРЗ пред две години со тоа што покажа дека и македонските компании може да инвестираат во ТИРЗ, дека е тоа една визија во која што македонските компании можат ако знаат како да ги искористат сите поволности коишто државата ги нуди.

-Владата ќе биде партнер на успешни компании, компаниите кои се технолошки развиени да продолжат понатаму и во таа насока да растат, да се развиваат, да  наоѓаат нови пазари и секако да го зголемат и обемот на производство, прометот, но секако и бројот на вработени лица од Македонија. Верувам дека со овој пристап сите добиваме. Добиваме побрз и одржлив економски развој, а граѓаните добиваат можност за подобри и поквалитетни работни места тука во нашата држава, да се остварат лично и професионално во Северна Македонија да ја градат својата сегашност и да ја планираат својата иднина, нагласи Битиќи.

Целта, како што рече, ни е сите успешни компании да бидат уште поуспешни и поконкурентни и да ги има уште повеќе зошто тие се едни од нашите најдобри амбасадори во светот.

Саво Станковиќ, сопственик на компанијата „Хај тек” изјави дека оваа година, иако е особено тешка за стопанството и за сите луѓе, успеале со политика на инвестирање и политика на градење технологии, кои може да се натпреваруваат на светско ниво, да опстојат.

– Оваа година е поуспешна од сите наши претходни години. Може да кажам дека ќе биде поуспешна од минатата година за 10-11 проценти. Исто така, очекуваме раст во вработувањето некаде од 9 проценти оваа година значи со додатни нови кадри очекуваме уште подобри резултати за идните години. Ова што Владата го прави, да ги поддржува компаниите коишто, еве како нас, да инвестираат и во овие тешки времиња, особено компаниите коишто излегуваат на странските пазари во силна конкуренција ќе значи не само потстрек за нашата компанија, туку треба да биде потстрек за сите компании во Македонија, дека иднината ќе ја бараме на светските пазари коишто се огромни и коишто ни даваат секому можност да успееме и секако да го подобриме оној биланс што го имаме трговски како Македонија, рече Станковиќ.

Додаде дека 40 години постојано се присутни на странските пазари и додаде оти сака да им покаже на помладите генерации дека иднината може да ја градат и во земјава,, но и дека има можности за инвестирање во слободните зони во земјава.

– Инвестиравме 8,5 милиони евра досега и изградивме фантастична фабрика која извезува. Направивме нешто што е многу важно, да имате овде еден степен на производство таму доградено со уште повеќе додадена вредност. Значи, има нешто, меѓутоа што недостига? Недостига да имаме континуираност во политиката. Значи, ова што сега се прави да не се напушти. Значи не смее да имаме нешто што трае четири години и после тоа да прекине затоа што тогаш ќе ги обесхрабрите луѓето. Ако тоа постојано се промовира како трајна политика на Македонија тогаш ќе охрабрите многу млади луѓе да започнат во Македонија. Јас почнав од подрум, јас не сум имал вакви услови какви што сега имаат младиве луѓе. Значи самовработување, кредити од банките итн., така што нивните услови се далеку, далеку подобри отколку што беше во мојот период. Ако јас издржав зошто они да не издржат, изјави Станковиќ. Додаде дека државата создава услови генерално и секој треба да се покаже што ќе прави во тие услови. Оваа поддршка, како што рече, треба да се продолжи за години, години што ќе доаѓаат и треба да постане трајна политика, не само еднаш, туку трајна политика. мд/скс/

https://www.facebook.com/MediumskaInformativnaAgencija/videos/480421832896641/?t=0

Треба да знаете
Последни објави