По повод 160-годишнината од раѓањето на Антон Павлович Чехов, синоќа во Кинотека се одржа научниот симпозиум „Чехов на сцените во Македонија 1945 – 2020 година”. Амбасадорот на Руската Федерација во земјава Сергеј Баздникин им се обрати на организаторите и учесниците на настанот и потсети на значењето на големиот руски писател и еден од најпознатите драмски писатели во светот.
-Антон Чехов, признат класик на светската литература, ужива заслужена слава како творец на прекрасни приказни, новели и драми. Од особено значење е неговото драмското наследство, кое до ден денес е многу актуелно – претстави поставени врз основа на делата на Чехов во текот на повеќе од сто години може да се видат на сцените низ целиот свет. Заслугата на Чехов како драмски писател е во тоа дека со неговите напори руската сцена беше подигната на ниво на голема руска литература, на ниво на Толстој и Достоевски. Со други зборови, тој откри, како што добро знаете, драматизам во секојдневје – со што целосно ја промени структурата на драматургија, истакна Баздникин.
Творештвото на Чехов, како што рече, е разбирливо и блиско до рускиот и македонскиот народ.
– Посебно место во него зазема темата на „малиот човек”, која ја обезбедува неговата вечна актуелност. Чехов успеваше убедливо да демонстрира дека животот на секоја личност е важен и вреден сам по себе, дури и ако во него нема големи подвизи и достигнувања. Затоа неговите дела, како што се „Вишновата градина”, „Галеб”, „Три сестри”, „Вујко Вања” и многу други, се безвременски. За жал, сè уште не сум видел претстави базирани на драмите на Чехов на сцените на македонските театри – убеден сум дека ги има десетици, кои се анализирани во магистерската работа на д-р Нелковски уште во 2011 година, изјави рускиот амбасадор.
Тој изрази задоволство што и во сегашните тешки услови, кога човештвото се соочува со пандемијата на Ковид-19, во Скопје се реализира ваков симпозиум.
-Убеден сум дека оваа криза ќе се надмине – ова, се разбира, бара заеднички напори, а тековните политички несогласувања да се остават на страна. Русија е секогаш подготвена да обезбеди поддршка во борбата против Ковид-19 – до тој степен до кој вашата земја е заинтересирана за ова. Како заклучок, би сакал да забележам дека руските театарски екипи секогаш со големо задоволство доаѓаа во Скопје и другите градови. Релативно неодамнешен пример е кога во октомври минатата година на фестивалот „Скупи” успешно настапи екипа на театарот „У Моста” од Перм, рече Баздникин.
Подготвени сме, како што нагласи, да продолжиме да соработуваме со нашите македонски партнери во насока на промовирање на прагматична, деполитизирана, заемно полезна агенда во различни сфери и, се разбира, на подобрување на нашите многулики културни врски. Според него, Русите и Македонците се братски народи кои имаат цврсти повеќевековни историски, културни, духовни вредности – тоа е темелот врз кој може и треба успешно да се гради „зградата” на билатералните односи денес.