Изборниот штаб на Џо Бајден, демократскиот кандидат за 46-ти претседател на САД, тврди дека бил оштетен за повеќе од половина милион долари потенцијални донации поради пропуст на компанијата Фејсбук.
Штабот на Бајден го обвини Фејсбук дека спречува објавување реклами со кои се повикува на собирање донации, а компанијата ФБ призна дека има „технички потешкотии” поради што не беа објавени некои реклами, објави Си Ен Ен.
Двајцата кандидати за претседател во изборната кампања и двата изборни штаба на демократите и републиканците потрошија десетици милиони долари оваа година на рекламирање на Фејсбук.
Изборниот штаб на Бајден во неколку наврати го критикуваше Фејсбук, обвинувајќи го дека „им дозволува на политичарите да лажат во реклами”, што Демократската партија и нејзиниот кандидат го оценуваат како предност на републиканецот Трамп.
„Ниту еден оглас не беше одбиен од ниту еден вработен, или поради политичка поврзаност со кој било од претседателските кандидати”, се вели во соопштението на компанијата Фејсбук.