Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави во Подгорица дека дошол во Црна Гора на погребот на Амфилохије „како претседател на Србија за да покаже почит кон него” и да каже колку му е жал за тоа што ова се случило во историски момент „во кој неговата мудроста и знаењето би биле многу потребни”.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Вучиќ за ТВ Вијести кажа дека не сака да се меша во формирање на владата во Црна Гора, дека тој „не е американски амбасадор за да може да слушнете од него кој треба, а кој не смее да биде во владата”, дека ја посетил семејната куќа на лидерот на Нова српска демократија од колацијата Демократски фронт, Андрија Мандиќ, и дека не се согласил со останатите лидери на Демократски фронт.
-Се видовме кратко. Тие ми рекоа дека се согласиле на експертска влада. Тие воопшто не ме слушаат, бидејќи јас не би се согласил со тоа. Никогаш не би се согласил со малцинска поддршка за влада, кажа Вучиќ.
Тој додаде дека ќе соработува со мандатарот Здравко Кривокапиќ и дека ќе го почитува претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.
Српскиот претседател изјави дека нема амбиција да го контролира ниту Кривокапиќ ниту Демократскиот фронт, како и дека „нема да зборува за неговата блискост со Ѓукановиќ”, наведувајќи дека тие отворено говореле за различните ставови околу позицијата на српскиот народ во Црна Гора.
Според Вучиќ, во документацијата на безбедносните служби на Србија, во случајот на „државен удар” во Црна Гора, Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ не се споменуваат никаде, но се споменуваат некои други странски лица и државјани на Србија.
Вучиќ досега не бил во официјална посета на Црна Гора, а за посетата на Подгорица, тој на новинарите им кажа дека „тоа е обврска која ја покажува блискоста на Србија и Црна Гора, но и зедничкото единство на српскиот народ, што се работи од пресудно значење”.