192 во време на Ковид: Ало!? Жена ми се пораѓа ја носам во болница, мора да ме пуштите…ако биде машко ќе ми бидеш кум!

„Ало 192? Жена ми се пораѓа, ја носам во болница и мора да ме пуштите, ако биде машко ќе ми бидеш кум“! И вакви повици добивале операторите на линијата за итни ситуации за време на полицискиот час пред неколку месеци во Скопје. Пандемијата ја вжешти телефонската линија 192, но операторите, кои секојдневно го чуствуваат крвотокот на метрополата со над 700.000 жители и покрај зголемениот број на повици, во еден момент, кога скопјани прв пат се најдоа во карантин, почуствуваа како големиот град „спие“.

Многу пати е пишувано за линијата 192, но полицајците во изминатиов период на пандемијата се сретнаа со нови предизвици, нови барања и поплаки од граѓаните.

Екипа на 24 Инфо беше во Единицата за информции и команда при СВР Скопје, во склоп на која функционира и телефонската линија 192 за итни повици. Со пандемијата вработените во единицата добија и нови задолженија. Од првиот ден на кризата од Државниот санитарен и здравствен инспекторат ги примаат решенијата за изолација, ги сработуваат и доставуваат до надлежните полициски станици кои контролираат дали граѓаните ги почитуваат мерките и седат дома. Сепак, и понатаму секојдневно добиваат повици за семејно насилство, соседски кавги, изгубени миленичиња, пукнати водоводни цевки, па и за вонземјани.

Карантинот си го направи своето. Граѓаните преку ноќ мораа да ги сменат навиките, од брз и динамичен живот мораа да се затворат дома. Тоа предизвика нервоза кај нив, па зачестија семејните недорабирања, но и соседските кавги поради банални причини и нетрпение, од типот„ што ме гледаш“ и слично, вели началникот на Единицата, Пеце Скаклевски.

Тој објаснува дека од 2017 година, до пред пандемијата, имало тренд на опаѓање на бројот на јавувања на 192 што се должи на намалениот број на повици од граѓани кои се јавувале на бројот да закажат за аплицирање за лични документи.

Откако почна со електронско аплицирање за документи на бројот 080019292 се зголеми бројот на јавувања на линијата за итни повици бидејќи граѓаните за закажување вртеа од мобилен телефон. Но централата беше таква што самиот систем при тоа ги префрлаше на 192, па требаше време граѓаните да научат дека не се закажува термин преку оваа линија. Од лани има отворена посебна линија и за вртење од мобилен, па не примаме такви повици. Но со пандемијата повиците се зголемија за 300 отсто. Дел од граѓаните имаа вистинска потреба да се јават, но дел ја злоупотребуваа линијата. Знаејќи дека е телефон за итни ситуации, дел пробуваа да добијат дозвола за движење, иако се знаеше преку медиумите какви се процедурите и мерките. Ни се случуваа повици од типот „немам леб или шеќер, одам да купам, само да ви кажам“, или „морам да одам во болница“, а колегите го сретнуваат со десет души и сите одат во болница. Други, пак, се јавуваа  имале мака, закажани свадби претходно, па викаат мора да ја оженам невестата додека не се породи и слично. Се знае кога може да се прекрши полицискиот час, живи луѓе сме, може да му се слоши на човек, да се разболе, мора да  се однесе во болница и на секој пункт ќе биде пропуштен. Меѓутоа, повратно секој за тоа добивал медицинска белешка со која докажува дека бил во болница. Имаше и весели моменти,каде граѓани чии сопруги се пораѓаа нудеа и кумство на операторите кои се затекнале на линијата, вели Скаклевски.

Според операторите, наспроти зголемениот број на повици, значително се намали бројот на пријавени кражби, што се должи на фактот дека скопјани времето го поминуваа дома.

Имаше кражби, но во најголем број се случуваа дење кога ограбените биле на работа. Трендот продолжи и летово бидејќи голем број на скопјани не отидоа на летувања и останаа дома. Во тој контекст секогаш апелираме граѓаните да не пишуваат на социјалните мрежи дека не се дома и да не откриваат каде се. На тој начин самите ги повикуваат крадците да ги посетат. Од друга страна, седењето дома ги направи граѓаните понервозни, да не се трпат едни со други. Добиваме поплаки дека кучето на соседот многу лае,„дојдете да му кажете на комшијата да го смири“, на друг му пречело што комшијата го полева дворот, трет се жали на галама, иако соседот пријавил во куќниот совет дека во дозволениот период ќе реновира. Имаше и повици од граѓани кои се жалат на прегласна музика и галама од свадба-„ало, да пријавам гласна музика“, од кого- „од соседите прават свадба“, па добро свадба е, дошле по невестата-„па кај најдоа во недела во четири саат?“, раскажуваат операторите.

Од нивната трезвеност и подготвеност, пак, зависи дали на повикот кој го примиле ќе има брза и соодветна реакција, а неретко и да биде спасен човечки живот.

Според адресата на пријавителот се информира надлежната полициска станица, а ако станува збор за посериозно кривично дело или за нарушување на јавниот ред и мир од поголем обем се повикуваат и соседните станици. Ако на колегите кои се на терен им е потребна поддршка испраќаме помош и од други служби. На еден начин, освен со линијата од тука се менаџира со целокупниот град. Сите настани што се случуват во Скопје ги добиваме како информации и имаме увид во сетоа тоа. Затоа и се вика Единица за информации и команда оти во даден момент, ако има потрба, одговорниот на смена може да ја преземе командата над целиот град, вели началникот.

Според него, најважно е операторот да е психички подготвен оти секое јавување е изненадување.

Операторот е тој кој што треба првично да помогне на пријавителот, да го сослуша и да се обиде да го смири. Само така ќе ги добие информациите кои се неопходни колегите да интервенираат на вистинското место и на време. Има јавувања каде се јавува жена и вика дека сопругот веќе половина час ѝ се заканува дека ќе ја заколе, или веќе е истепана, измалтретирана или силувана. Затоа е важно да се реагира на време. Но често се случува пријавителот да се откаже од пријавата па насилникот останува неказнет. Од друга страна, не е мал ниту бројот на случаи кога самите оператори или колегите на терен во разговор со пријавителот спречиле да си го одземе животот, вели Скаклевски.

Операторите велат дека има и граѓани кои се „редовни“ и кои се јавуваат за секакви работи, други, пак пријавуваат чудни работи.

Има и јавувања на граѓани, кои го знаат бројот и едноставно имаат свои психички проблеми. Тие и не сакаат нешто да пријават туку имаат потреба да разговараат со операторот па пријавуваат чудни работи, дека разговарале со вонземјани, гледале духови и други натприродни сили. Има и банални случки кои можат да прераснат во сериозна работа. Имаме пријави кога се јавува жена и плаче, вели сопругот сака да ја избрка од дома. Зошто? „Не му направив ручек и не сум ја пуштила машината за перење“. Од друга страна, имаме и случки кога од колегите кои дошле на слична пријава утврдиле дека пријавителката е под дејство на алкохол, па сите се среќни и весели. Граѓаните пријвуваат се и сешто, често пати и работи кои не се во наш домен, колу и да сакаме да излеземе во пресрет. Се јавува некој и вели комшијата фрла ѓубре од прозор, друг се жали дека некој местел бекатон, а немал дозвола…Тоа се работи за кои треба да ги информираат општинските инспектори, велат операторите.

 

Треба да знаете
Последни објави