Косовските здравствени власти одлучија да ги заострат мерките за заштите од ширењето на епидемијата на Ковид-19, откако минатите денови беа забележани рекордни бројки на новозаразни од коронавирусот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Министерот за здравство, Арменд Земај информира дека од понеделник, 2 ноември, на трговските центри и на угостителските објекти им се забранува работата од 21 до 5 часот, освен услугата „тејк авеј” за угостителите.
На јавните и приватните институции им се наложува да го редуцираат персоналот, со тоа што оваа мерка не се однесува на безбедносните и здравствени институции.
Меѓу останатите мерки е и обврската на државните и приватните универзитети наставата да ја спроведуваат исклучиво онлајн.
Земај информира дека овие мерки ќе се анализираат во наредните две недели, по што истите може да бидат преиспитани и ревидирани.
Вкупно досега, според официјалните статистики на косовските здравствени власти, вирусот е откриен кај 20.179 лица тестирани со методот РТ-ПЦР.
Според последниот извештај на Националниот институт за јавно здравство на Косово, досега починале 688 заболени, додека заразата ја совладале 15.611 лица кај кои претходно бил откриен вирусот.
Активни заболени од Ковид-19 во Косово моментно, според официјалните податоци, се 3.880 лица.