Министерот за здравство Венко Филипче вели дека oд почетокот на ковид кризата до денес, надграден е целокупниот систем на тестирање, и ниту еден граѓанин не е препратен од јавна во приватна здравствена установа за ковид тест.
– На почетокот на кризата почнавме со 200 теста. Во лабораторијата во Институтот за јавно здравје сега се прават близу 2000. Значи, капацитетот е зголемен за 10 пати. Свесни за притисокот од претходниот период, од минатата недела се прават за неколку стотици тестови повеќе во главните лаборатории, во оние во коишто има најголем притисок – Центарот за јавно здравје, Институтот за јавно здравје, дополнително и лабораторијата на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле која се акредитираше за тестирање за Ковид-19″, рече министерот Филипче во вечерашното гостување на ТВ Канал 5.
Тој потсети дека денеска добивме 13 илјади тестови како донација. Дел од нив се пристигнати, а другите ќе стигнат во следните два, три дена.
-Веќе почна дистрибуцијата на неколку места на овие тестови. Прво, во болниците за пациентите коишто доаѓаат во овие установи, болниците ширум државата и инфективните одделенија во Скопје – Инфективната клиника, ГОБ „8 Септември”, Институтот за белодробни заболувања, болницата во Козле, имаат брзи тестови, пациентите кои доаѓаат и имаат симптоми и кај кои е индицирано тестирањето. Дали ќе биде антигенско или ПЦР тестирање ќе биде оставено на проценка на лекарот специјалист. Сите тие тестови како донација се апсолутно бесплатни. Не плаќаат за тоа граѓаните. Дополнителна количина ние ќе купиме. Со ребалансот на буџетот добивме близу 40 милиони денари и ќе бидат наменети за брзи тестови. Едноставно да стигне количина на тестови насекаде низ државата, во сите места каде што се прави тестирање да согласно проценката и индикацијата се направи еден или друг тип на тест, истакна Филипче.
Филипче информираше дека тоа што денеска пристигнаа во Здравствениот Дом Скопје 4000 тестови е набавка од страна на оваа установа и се оспособи пунктот во Ѓорче Петров, во којшто граѓаните ќе можат да ги прават брзите тестови.
-Денеска разговаравме и веројатно во текот на следните два, три дена и тие тестови за граѓаните ќе бидат бесплатни. Ја видовме реакцијата, се искоординиравме со директорот на Здравствениот дом, така да една огромна количина на тестови веќе е достапна на пациентите. Уште поголема количина ќе биде достапна во периодот којшто доаѓа. Тоа е нешто на што интензивно работиме. Ниту еден пациент не бил препратен од јавна во приватна лабораторија, изјави Филипче.
Тој рече дека не може да се запрат граѓаните да прават приватни лабораториски услуги.
-Впрочем и претходно, огромен број граѓани правеа крвни анализи, крвна слика во приватните лаборатории. Ова е само уште една услуга којашто сега се наметна и граѓаните едноставно одат и се тестираат во приватните лаборатории. Ниту еден пациент не останал без тест, ниту пак бил препратен од државна во приватна лабораторија. Тоа е многу важно да се знае. Не можеме ниту да ги ограничиме граѓаните, ниту лабораториите да го прават тоа што со години наназад го правеле, сега само како една екстра услуга за ковид – тест, а нашиот систем го надградуваме секојдневно со се повеќе тестови. Ниту еден пациент не останал без тест во јавно-здравствена установа, подвлече министерот за здравство Филипче.