Изминатото деноноќие во Косово се регистрирани девет смртни случаи на лица заразени од новиот коронавирус, така што бројката на жртви на пандемијата на Ковид-19 достигна до 697. Во денешното соопштение на Националниот институт за јавно здравство на Косово (ИКШПК) се наведува дека, од вчера извршените 1.374 тестови со методот РТ-ПЦР (97.148 вкупно досега), позитивни на новиот коронавирус резултирале 486 лица.
Вклучително новозаболените, бројот на лица кај кои е откриен вирусот од почетокот на епидемијата се искачи на 20.655. Од нив болеста досега ја совладале 15.641 лице, а во текот на вчерашниот ден како излекувани се евидентирани 30 пациенти.
Согласно официјалните статистики на косовските здравствено власти, во земјата во моментот има 4.317 активни случаи.
Откако минатите десетина дена беше забележано видно зголемување на бројките на заразени од новиот коронавирус, од денеска во Косово стапија во сила нови, заострени, мерки за спречување на ширењето на епидемијата.
Меѓу другото, се забранува работата на трговските центри и на угостителските објекти од 21 до пет часот, се редуцира персоналот во јавните и приватните претпријатија, освен во безбедносните и здравствените институции, додека наставата на државните и приватните универзитети ќе се изведува исклучиво онлајн.