Зоран Заев, заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, претседателот за ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје Петре Шилегов и советникот за труд и социјална политика Милан Живковиќ вечерва имаше онлајн средба со Дарко Димовски, претседател на ССМ, како и со Тони Бошковски, претседател на Независниот синдикат на пожарникарите на Македонија и со претставници на овој синдикат.
На состанокот се разгледани можностите за решавање на прашањето со исплатата на платите на пожарникарите и на додатоците за плати, согласно постоечките законски можности на краток рок почнувајќи од месец ноември, како и за системско уредување на прашањето на среден и на долг рок, преку потребните законски измени што треба да се донесат преку Парламентот.
Од сите страни беше покажана желба и волја за изнаоѓање прифатливо решение, преку компромисен договор за можните начини со коишто ќе биде овозможена исплатата на платите и додатоците на плата на пожарникарите, со оглед дека за нив постојат издвоени пари од Буџетот.
Заеднички е констатирано дека денешниот продуктивен состанок покажува дека социјален дијалог постои и дека тоа отвора простор во следните неколку дена да биде изнајдено прифатливо решение за сите, при што пожарникарите ќе можат да ја земат платата заедно со додатоците на плата.