Претседателот Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Италијанската Република, Андреа Силвестри.
На свечената церемонија на предавање на акредитивните писма претседателот Пендаровски изрази уверување дека италијанската поддршка за реализација на нашата европска интеграција безрезервно ќе продолжи и во иднина.
„Убеден сум дека почетокот на преговорите со Унијата не само што ќе придонесе за натамошно стабилизирање на состојбите на Западен Балкан, туку нам, како држава, ќе ни овозможат побрзо и поефикасно имплементирање на неопходните реформи, особено во сферата на борбата со организираниот криминал и високата корупција”, истакна Претседателот во своето обраќање.
Посочувајќи дека пандемијата на КОВИД-19 е уште една потврда за потребата од обединета и солидарна Европа, претседателот Пендаровски изрази уверување дека во периодот што претстои двете земји ќе го продолжат позитивниот развоен тренд на односите и искажа интерес за јакнење на економските врски.
Новоименуваниот амбасадор на Италијанската Република го поздрави членството на Северна Македонија во НАТО и искажа силна поддршка за нашите европски аспирации и спроведувањето на внатрешните реформи.
„Убедени сме дека Северна Македонија заслужува да ги отпочне овие преговори што поскоро. Сметаме дека првата Меѓувладина конференција треба да се одржи пред крајот на годината, и покрај потешкотиите предизвикани од пандемијата. Северна Македонија е спремна да ги отпочне преговорите и не треба да дозволиме билатералните прашања, од кој било тип и од каде и да потекнуваат, да го попречат процесот на преговори. Билатералните прашања треба да останат надвор од преговорите за влез и треба да се решаваат во соодветните форуми”, истакна во обраќањето амбасадорот Силвестри.
Членството на Северна Македонија во НАТО не предвидува само заложби за гарантирање на безбедноста и мирот, туку и сојузничка солидарност, истакна амбасадорот Силвестри, потенцирајќи ја испораката на респиратори што НАТО минатиот петок ги донираше на Северна Македонија, за да помогне при справувањето со пандемијата и што пристигнаа во Скопје со авион на италијанското воено воздухопловство.
На новоименуваниот амбасадор претседателот Пендаровски му посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција и изрази очекување дека неговото искуство ќе претставува значаен придонес за збогатувањето на пријателските односи меѓу двете земји.