Ситуацијата во Црна Гора кога станува збор за епидемијата предизвикана од коронавирусот е алармантна, изјави Даниела Раониќ, в.д. директорка на Клиничкиот центар на Црна Гора.
„Изминативе денови сите бевме сведоци на неодговорното однесување на голем број граѓани, но и на оние кои треба да дадат пример со своето звање и професија. Сето ова ќе има несогледливи последици, со кои ќе се соочиме во следниот период“, истакна Раониќ, соопштено е од КЦЦГ.
Таа додаде дека КЦЦГ и целиот здравствен систем, и покрај големиот притисок и растечкиот број на пациенти, успеваат да одговорат на сите предизвици и да обезбедат соодветна здравствена услуга за секој пациент.
„Меѓутоа, ако сите не се придржуваме кон потребните мерки за заштита, напорите на здравствениот систем ќе бидат залудни. Затоа, уште еднаш го повикувам целото население да се однесува одговорно, особено здравствените работници, кои покрај сериозната и напорна работа, треба во секоја пригода, со апсолутно почитување на пропишаните мерки за заштита, први да дадат пример за соодветно однесување и грижа за себе и за нашето здравје. Не смееме да си дозволиме да платиме највисока можна цена заради несоодветно и неодговорно однесување, а тоа е загуба на човечки животи“, рече Раониќ.
Во Црна Гора се очекува драстично влошување на состојбата во наредните денови, бидејќи не беа почитувани епидемиолошките мерки на погребот на црногорско-приморскиот митрополит Амфилохије во Подгорица.