Британскиот премиер Борис Џонсон денеска пред Долниот дом на Парламентот ја бранеше одлуката за наметнување второ национално затворање, што треба да почне во четврток.
– Соочени со најновите податоци, нема друга опција освен да се преземат понатамошни активности на национално ниво, им порача Џонсон на пратениците.
Тој додаде дека е правилно прво да се наметнат локални мерки.
– Верувам дека беше исправно да се испробаат сите можни опции за ставање под контрола на овој вирус на локално ниво преку силно локално дејствување и силно локално раководство, рече Џонсон.
Според предложените мерки, повеќето продавници ќе бидат затворени до 2 декември, а баровите и рестораните ќе бидат ограничени на услуги за достава.
На луѓето ќе им биде наредено да останат дома, освен одење на работа, вежбање и основно пазарување, додека училиштата и факултетите ќе останат отворени.
Покраинските влади на Северна Ирска, Шкотска и Велс веќе воведоа построги ограничувањаза спречување на ширењето на коронавирусот.