Владата утре ќе расправа и најверојатно ќе донесе одлука за ограничување на работењето на угостителските објекти до 21 часот, а за други рестриктивни мерки не се размислува во моментов, порача вечерва министерот за економија Крешник Бектеши.
-Не се размислува за затворање на одредени сектори во стопанството, вклучувајќи го тука и угостителството. Комисијата за заразни болести секојдневно ги следи случувањата и ја следи епидемиолошката карта во државата и согласно нивните анализи ако треба ќе поднесат и други предлози. Во овој момен е важно сите да придонесеме за почитување на мерките, носење на маски, хигиена на рацете и одржување физичка дистанца со цел да се намалат бројките на заразени и починати од Ковид-19, рече Бектеши во емисијата Топ тема на ТВ Телма.
Тој нагласи дека податоците што ги имаат епидемиолозите покажуваат дека најголем број од заразените се од организирањето на забави во угостителските објекти, приватни куќи и вили.
-Сега тоа нема да биде дозволено. Веќе донесовме нов закон со кој се преземаат мерки за целосно да се почитуваат протоколите усвоени од Комисијата за зарасни болести и утврдени од Владата, рече Бектеши и додаде дека во текот на следната година ќе се зајакнат капацитетите на Државниот пазарен инспекторат и на друтите инспекторати во државата.
Тој не ја исклучи можноста Владата покрај најновиот пакет мерки вреден 470 милиони евра да донесе и петти и шести пакет антикризни економски мекри доколку се влоши состојбата со коронавирусот.