Славниот холандски клуб Ајакс е последниот од фудбалските клубови што се наоѓа во ковид-криза кога од таму потврдија дека само 17 фудбалери ќе патуваат на гостувањето кај Митјиланд во Данска бидејќи дури 11 фудбалери од нивниот тим имале позитивни тестови на Ковид-19.
Меѓу позитивните се и членовите на првиот тим, како Душан Тадиќ, Дејви Класен, Андре Онана и Мартен Стекеленбург, кои не патуваа со тимот, објавува „Де телеграф“. Тренерот Ерик Тен Хаг потоа потврди дека некои од фудбалерите не патувале поради позитивните тестови, но додаде дека не смее да зборува за одделни тестови поради законски обврски.
„Има неколку фудбалери што би смееле да играат во Холандија, но не добија дозволи да влезат во Данска, што е навистина чудно. Во разни земји има многу разни правила иако се во Европската Унија. Сега некои од моите фудбалери ќе мора да играат на поинакви позиции, но подготвени сме за фудбал. Ковид-19 е тежок проблем, така што мораме да бидеме благодарни што можеме да играме“, вели Тен Хаг.