Ерменија побара меѓународна истрага за наводното присуство на странски платеници на страната на азербејџанските сили во Нагорно-Карабах.
Барањето следуваше откако припадниците на етничките ерменски сили заробија двајца борци од Сирија во таа област во Азербејџан.
Во објава на „Фејсбук“, ерменскиот премиер, Никол Пашинијан, оцени дека присуството на странски платеници претставува закана не само за безбедноста на Нагорно-Карабах туку и за меѓународната безбедност и затоа мора да почне меѓународна истрага.
Како што потсетува „Ројтерс“, Азербејџан постојано ги отфрла тврдењата за присуство на странски борци во зоната на конфликтот во таа област со мнозинско ерменско население.
Продолжуваат жестоките борби во планинската енклава и седум соседни региони, во кои повеќе од 1.000 луѓе загинаа од почетокот на конфликтот пред повеќе од еден месец.