Живееме во време на една пандемија, светска здравствена криза, со која што инфекцијата ковид-19, успеа да го клекне на колена целиот здравствен систем во светот, истакна на собраниската седница посветена на предлогот за ребаланс на Буџетот за 2020 година, пратеникот на СДСМ Сашко Николов.
Тој додаде дека кризата направи крах и хибернација на целата светска економија.
-Економијата претставува двигател и мотор во секоја држава, без економија нема општество, нема општествена индустрија, без економија немаме ни здравствен систем, ова се тесно поврзани работи, бидејќи здравствениот систем без финансии не е здравствен систем, нагласи Николов.
Пратеникот Николов во своето обраќање се осврна и на статистичките податоци за смртноста од инфекцијата ковид-19, според кои во Република Северна Македонија има 482 на милион жители, додека Франција има 567, Шпанија 767, Италија 642, а Белгија 1011, така што Македонија е поблиску до Холандија која има 434 смртни случаи, но со полош исход од Германија.
-Јас буџетот го толкувам преку медицинските технологии. Пациент во тешка клиничка смрт – тоа е нашето здравство и економија, е донесен во болница и ние сега треба да разгледаме, да направиме анамнеза за таа клиничка смрт и да утврдиме што е причината и брзо да реагираме да ја отколниме причината за таа состојба, а тоа е ребалансот на буџетот, рече Николов.
Амандманите на опозицијата ги оцени како површни, како на пример оној за реновирање на инфективното одделение на штипската болница, кој ако се усвои треба да ставиме клуч на инфективното да ги пратиме пациентите каде било и да реновираме по амандманот на опозицијата, а епидемилозите, инфектолозите се главниот двигател на борбата против ковид-19.
Николов истакна дека веќе се обезбедени европски средства за реновирање на инфективното одделение во Штип, кое е запрено токму поради пандемијата.
– Ребалансот на буџетот обезбедува средства, а без финансиска инјекција во индустријата, во економијата, ќе колабира и здравствениот систем, порача пратеникот на СДСМ Сашко Николов.