Јавна расправа за Предлог-законот за буџетите, како еден од клучните закони со кои се уредува раководењето со јавните финисии, нивното планирање и начинот на контрола на јавните пари организираа Фондацијата отворено општество – Македонија (ФООМ) и Здружението за истражување и анализи ЗМАИ (ЗМАИ), со цел за него да може да се произнесе стручната јавност и да се понудат мислења за негово подобрување.
На дискусијата учествуваше заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски истакна дека во постојниот Закон за буџети од 2005 година, со неколку дополнителни измени, уредени се постапките за изготвување, донесување, извршување на Буџетот на Република Северна Македонија и буџетите на единиците на локалната самоуправа и на градот Скопје, како и известување за извршување на буџетот, кои пак не се во согласност со новите трендови, препораки на меѓународни институции и директиви на Европската Унија.
-Од наведените причини Министерството за финансии ја увиде потребата од изработка на целосно нов закон. Подобрувањето на управувањето со јавните финансии и зајакнувањето на среднорочното буџетско планирање е еден од најголемите приоритети на Владата на Република Македонија во процесот на пристапување во ЕУ. Притоа, новиот предлог Закон за буџети е во согласност ЕУ директивите и со определбата за подобрување на системот за управување со јавните финансии, со цел обезбедување рамка за водење здрава, предвидлива и одржлива фискална политика и зголемување на буџетската дисциплина и одговорност, рече Ковачевски.
Според Виктор Митевски, Претседател на ЗМАИ и поранешен советник на министерот за финансии носењето на Законот е позитивен исчекор кон унапредување на системот за управување со јавните финансии, а, како што рече, присуството на заменик-министерот за финансии на оваа дискусија, само ја покажува волјата за вклучување на стручната јавност во подобрување на текстот на Законот.
Сепак, тој посочи и дека покрај позитивните страни на предложениот закон, тој содржи и недоречености поради што е потребно дополнително усогласување со Европските начела за управување со јавните финансии.
-Фактот што овој текст на Законот содржи член кој ги уредува фискалните принципи е за поздравување, но важно е да се нагласи дека предлогот не содржи потполна и сеопфатна дефиниција на фискалните правила кои треба да обезбедат стабилен и одржлив систем на јавни финансии, изјави Митевски додавајќи дека донесувањето на Законот за буџетите мора да биде пропратен со носење на голем број на подзаконски акти и секако воспоставување на интегриран информациски систем кој ќе овозможи целосно имплементирање на Законот.
Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на Фондацијата Отворено општество-Македонија, истакна дека вклучувањето на јавноста уште во процесот на планирање на буџетите на министерствата е еден од клучните сегменти за создавање Буџет кој ќе ги отсликува потребите и барањата на граѓаните. Оредбата со која е предвидено секое министерство и општина да воспостават механизам за консултации со своите
засегнати страни и граѓани, како што рече, потребно е попрецизно да ги дефинира „механизмите” кои буџетските корисници ќе треба самостојно да ги воспостават.
Ако се остави на буџетските корисници сами во целост да ги дефинираат механизмите, смета Каранфилова, Пановска, многу веројатно е дека на оваа одредба, пред сè ќе се гледа како на можност за исполнување на сопствени цели и интереси, а не како на алатка за вклучување на граѓаните.
Таа истакна дека на овој начин, институциите ќе се обврзат да водат сметка за потребите на граѓаните и да ги вклучат граѓаните уште од почетокот, при самото креирање на буџетските циркулари. Според неа, голем недостаток во Предлог-аконот е недореченоста за составот на Фискалниот совет, односно Советот освен што ќе ја претставува стручната, академската и професионална јавност, треба да го претставува и граѓанскиот
сектор. Оттука, при дефинирањето на критериумите за членови на Фискалниот совет, треба да се уреди дел од нив покрај неопходната наобразба и стручно знаење да бидат и со докажано искуство од граѓанскиот сектор.
На дискусијата беше истакнато дека граѓанскиот сектор и стручната јавност се надеваат дека нивните предлози ќе бидат земени предвид при носењето на законот и апелираа тој што поскоро да биде усвоен со цел процесот за планирање на Буџетот за 2022 година да биде согласно новото законско решение.