Бектеши – Гир: Членството на Северна Македонија во ЕУ е од национален интерес

Делегацијата на ЕУ во Скопје ќе остане активен учесник во реформските процеси, а македонската Владата може да очекува поддршка од Унијата во проектите кои значат подобар живот на граѓаните, порача евроамбасадорот Дејвид Гир на денешната средба со министерот за економија, Крешник Бектеши.

Како што соопшти Министерството за економија, тема на состанокот беше спроведување на економските реформи во земјава, во насока на евроинтеграцискиот процес.

Бектеши го информираше евроамбасадорот дека Министерството за економија е носител на осум поглавја за хармонизација на европското право и усогласување со законодавството на ЕУ за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ. Воедно се заблагодари за поддршката која Министерството за економија ја има од ЕУ во изминатиот период, пред се во делот на реформите за зголемување на конкурентоста, трансформацијата на енергетскиот сектор и туризмот.

Министерот истакна дека пристапниот процес кон Европската унија е од национален интерес за државата, а Министерството за економија како една од клучните институции во делот на спроведување на економските реформи ќе продолжи засилено да работи на спроведување на европската агенда.

Министерот Бектеши и евроамбасадорот Гир се согласија дека ќе продолжат со интензивна комуникација и следење на сите проекти кои се реализираат во заедничка соработка, со главна цел, подобар живот на сите граѓани во Северна Македонија.

Треба да знаете
Последни објави