На денешната владина седница е утврден Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита, со цел да се овозможи лицата кои добиле извод од посебната матична книга на родени и идентификациска исправа, согласно Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени да остварат права од социјалната заштита.
Владата откако ја разгледала и усвоила Информацијата за исплата на парични права од социјална заштита за октомври 2020 година, го задолжила Министерството за труд и социјална политика да ги достави податоците за корисниците на парични права по сите основи до деловните банки најдоцна до 03.11.2020 година, односно до 05.11.2020 година.
– Во врска со оваа информација Владата им препорачува на деловните банки да обезбедат достапност на средствата за паричните права од социјална заштита за месец октомври преку банкомати и во трговските мрежи од 04.11.2020, односно 06.11.2020 година, стои во соопштението од владината прес-служба.
Владата денеска го усвои и Предлогот за измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со цел да се доуреди начинот на кој радиодифузерите и операторите ќе постапуваат во однос на странските програмски сервиси и почитувањето на авторските и сродните права.
Во таа насока се предлага измена на членот 143 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и заради фактот што авторските права се регулирани со Законот за авторското право и сродните права.
– Владата донесе заклучок да ѝ препорача на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги до усвојување на предложените измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да ја пролонгира примената на подзаконските што произлегуваат од ставовите 3 и 4 од член 143 од законот, се наведува во соопштението од владината прес-служба.