Круемади: Рама нема шанса на изборите да биде ниту втор по освоени гласови

Лидерката на третата по големина политичка партија во Албанија, опозициското Движење за социјалистичка интеграција(ЛСИ), Моника Круемади, изјави дека на парламентарните избори на 25 април „Рама нема шанси да биде прв или втор зашто тие места се зафатени, ќе биде трет или четврт”.

-Опозицијата победува на изборите, тоа сум им го кажала и на странските амбасадори. Победата на опозицијата е сигурна, зашто на албанските граѓани им е доста од оваа криминална влада. Победата е на опозицијата дури и ако гласовите ги пребројува Таулант Бала (генерален секретар на владејачката социјалистичка партија и координатор на пратеничката група), рече Круемади.

Додаде дека Рама е свесен дека ќе биде губитник на изборите па нема да изненади никаков негов чекор.

-Бидете сигурни дека по 3-4 недели ќе излезе и ќе рече дека нема да оди на избори и оти ќе оди само ако Баша и Мета заминат. Нема да му го отстраниме стравот на Рама од соочување со гласањето, рече Круемади.

Таа го објави и слоганот под кој партијата ќе настапува на изборите „Албанија дом на Албанците”.

-Целта на ЛСИ е решавање на проблемите, создавање работни места, добри плати за албанските млади за да се

вратат во Албанија. Албанија, дом на Албанците. Каде може човек да живее подобро отколку во својот дом, порача таа.

Таа потврди дека „и пред и по изборите ќе бидат заедно со Демократската партија”.

Треба да знаете
Последни објави