Македонската машка ракометна репрезентација ја очекуваат првите два натпреаври во рамките од квалифиакциската група за пласман на ЕП-2022, со Финска и Швајцарија, но главоболки им создава непредвидливата пандемија предизвикана од коронавирусот. Пред утрешниот дуел (20 ч.) во СЦ „Борис Трајковски“ со Финска и три дена подоцна во Шафхаузен кај Швајцарија, селекторот на македонскиот тим Данило Брестовац, е оптимист дека „црвено-жолтите“ ќе стигнат до триумф без оглед на проблемите со кои се соочува на стартот од репрезентативниот собир. Тројца македонски репрезентативци (Танкоски, Велковски и Поповски) имаат позитивни тестови на вирусот и нема да бидат на располагање. Тоа ги менува плановите на Брестовац кој сметаше на Танкоски и Поповски да им даде поголема минутажа.
– Се уште имаме квалитетен тим за победнички почетокот од новите квалификации, иако по најновите проблеми ќе мораме да направиме неколку рокади. Верувам дека со максимален пристап и мотивирана и цврста игра во одбраната можеме да стигнеме до позитивен резултат во дуелот со Финска. Тие бележат евидентен напредок во играта на клубски и репрезентативен план, така да во ниеден момент несмееме да ги потцениме како состав. Имаат искусни и квалитетни ракометари во својот состав кои можат и знаат да одиграат добро, порачува Брестовац, кој беше принуден дополнително да повикува и нови соработници во стручниот штаб, бидејќи Александар Царчев и Никола Матлиески заминаа во самоизолација поради коронавирусот.