Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи денес ги прими копиите од акредитивните писма на вонредниот и ополномоштен амбасадор на Француската република во нашата држава Сирил Баумгартнер.
Министерот Османи, посакувајќи му успешна мисија на новиот Амбасадор, ја истакна огромната почит за македонско-француските односи и плодна соработка која се одвива во многу области од взаемен интерес и која е базирана на традиционално пријателство и меѓусебно разбирање. Во контекст на динамиката на европската перспектива на Регионот, се заблагодари за поддршката и експертизата која Северна Македонија ја добива од Француската република, како еден од столбовите на Европската унија.
„Се наоѓаме во навистина клучен период кога во рамките на ЕУ се усвојува преговарачката рамка согласно новата методологија, за што ја очекуваме целата поддршка од страна на Франција. Одржувањето на првата Меѓувладина конференција и формалниот почеток на пристапните преговори ќе претставува заеднички успех и на Европа и на регионот”, истакна Османи.
Во рамките на разговорот, Министерот го поздрави идното засилено француско присуство преку активностите на Француската агенција за развој, со што се создаваат можности за поблиска економска и финансиска соработка меѓу двете држави, како и засилување на соработката и во рамките на Франкофонијата, како значаен заеднички ангажман во меѓународното промовирање и ширење на францускиот јазик и нејзините вредности.
Амбасадорот Баумгартнер искажа задоволство за вкупната билатерална соработка и подготвеност да даде значаен придонес во натамошното продлабочување на пријателските односи меѓу двете држави и народи. Увери дека Француската република ќе продолжи со принципиелната поткрепа во насока Северна Македонија да го реализира следниот значаен исчекор на својот европски пат, да ја одржи првата Меѓувладина конференција и формално да ги започне пристапните преговори до крајот на годината..
Двајцата соговорници разменија мислења и за други актуелни прашања и состојби во Регионот и на меѓународен план.