Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 и во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик. Обвинетиот 31-годишен скопјанец, на 19.02.2020 година, влегол во супермаркет на ул. „11-ти Октомври“ и со употреба на огнено оружје се заканил на една вработена со зборовите: „Дај ги парите, ќе те убијам“. Пиштолот го вперил во нејзе, ја отворил касата и го извадил пластичниот дел од касата. Во тој момент оштетената му се спротивставила и му ја тргнала медицинската маска која обвинетиот ја носел на лицето, по што тој ја турнал на подот и избегал.
Против истото лице поднесен е и Обвинителен предлог за две кривични дел – Кражба од член 235 став 1 од Кривичниот законик. На 17 јануари обвинетиот, од маркет на улицата “50-та Дивизија” одзел 27.500 денари. Искористувајќи го невниманието на една вработена, тој се приближил до касата, ги украл парите и избегал. Од истиот маркет, на истиот начин, на 16 јуни годинава одзел уште 52.500 денари.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје поднесе и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетото лице.