Вооружена банда утрово упаднала во банка во Милано преку канализациската мрежа и украла 20 лични сефови, а потоа избегала на ист начин.
Внимателно испланираната операција почнала нешто пред 8.30 часот кога двајца разбојници влегле низ главниот влез на филијалата на „Креди агрикол“ и впериле пушки кон вработените, пренесуваат италијанските медиуми.
Како што се наведува, потоа двајцата соучесници излегле од отворот на канализацијата во банката, кој бил поврзан со подземен тунел.
Кога полицијата ја опколила банката, бандата ги зела како заложници управителот и уште еден вработен, а третиот вработен успеал да избега.
Полицијата ја блокирала областа по што влегла во банката, но разбојниците го активирале алармот за пожар, што создало конфузија и им дало време да избегаат преку канализацијата, пренесуваат локалните медиуми.
Исто така, се наведува дека неколку полицајци тргнале да ги гонат низ канализацијата, но разбојниците успеале да се извлечат.
Бандата одзела 20 сефа, но не е познато што имало во нив.