Здравствениот дом Скопје во координација со Министерството за здравство минатата недела набави 4.000 брзи тестови за да им овозможи на пациентите достапно и брзо тестирање за Ковид-19. Цената на овие тестови беше 1.000 денари, а термините се закажуваа телефонски преку системот „МојТермин”, соопшти Министерството за здравство.
По најновата информација дека е добиена донација во Министерството за здравство од страна на две компании од 13.000 тестови кои преку алгоритам на матичните лекари ќе бидат бесплатно достапни за сите пациенти на кои ќе им биде потребно брзо тестирање, Здравствениот дом веќе договори со добавувачот да ги повлече претходно купените тестови и да се коритат само тестовите донирани од Министерството заздравство кои ќе бидат бесплатни за граѓаните. Закажувањето за овие тестови ќе започне од денеска. Лицата, пак, кои беа тестирани во текот на вчерашниот ден ќе бидат повикани и средствата ќе им бидат вратени, информираат од Министерството.
Здравствен дом Скопје ја поздравува постапката за донирање на брзите тестови која ги опфаќа здравствените институции во целата држава. Како најголема здравствена институција, Здравствениот дом Скопје активно продолжува во справување со борбата против Ковид-19 со сите ресурси кои се на располагање на институцијата, стои во соопштението.