Општина Карпош својот 44-роденден го посвети на здравствените работници

Општина Карпош денеска одбележа 44. години од своето формирање. Почитувајќи ги заштитните мерки и протоколи, беше организиран настан на отворено, на Спортско – рекреативниот центар „Лазо Трповски“ (Карпош 3).

Во рамки на манифестацијата, беа доделени наградите на најдобрите ученици на конкурсот за пишување и цртање, а беше врачено и признанието на заслужниот граѓанин за 2020, Јорда Манасиеска, одделенска медицинска сестра на ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби.

Пред членовите на Советот и општинската администрација, градоначалникот Стефан Богоев ги посочи активностите кои локалната самоуправа ги спроведе во пресрет на 3. ноември. Преку дарување на крв, раззеленување на околината, бришење на натписи со говор на омраза, како и подготовка на 80 социјални пакети за најзагрозените, сакаме да ја истакнеме смислата на нашето постоење.

-Карпош го посветува 44. роденден на здравствените работници. Искрено, не размислувавме долго од која област треба да биде заслужниот граѓанин. Бевме силно убедени дека треба да дадеме признание на „дискретните“ херои. На медицинскиот кадар од првата борбена линија. На работниците кои не се толку експонирани во јавноста, а секојдневно спасуваат животи. Преку ликот на Јорда Манасиеска, и јас лично, но и Општина Карпош се заблагодарува на сите доктори, медицински сестри, лаборанти и био – хемичари, хигиеничари… Сите кои се во првата линија на фронтот за борба против КОВИД – 19, рече Богоев.

Тој ги повика граѓаните и целата заедница на солидарност, одговорност и емпатија. Да не стигматизираме и осудуваме.

-Уште на почеток на оваа криза, седнавме заедно со опозицијата, ги слушнавме нивните предлози и дел од мерките на локално ниво беа прифатени. Карпош треба да биде предводник на дијалог и конструктивност, затоа што вирусот не бира партија, националност, верска или социјална припадност, истакна градоначалникот.

На денешниот настан се обрати и Јорда Манасиеска, која ги повика сите граѓани да ги почитуваат мерките, да носат заштитна маска, да држат дистанца и да вршат дезинфекција.

-Се одлучив да го прифатам ова признание затоа што оваа плакета која ја добивам денеска, ја споделувам со сите мои колеги, со сите медицински сестри, доктори и болничари со кои периодов деноноќно работиме. Оваа благодарница ќе има посебно место во мојата кариера. Ќе ме потсетува на еден период кога светот доживеа блокада, а ние, здравствените работници не можевме да чекаме туку се прилагодувавме на новата реалност и уште поинтензивно работевме, истакна Манасиеска.

Претседателот на Советот на Општина Карпош, Андреј Манолев се осврна на работата на Советот и пандемијата во ек на светската пандемија.

-Исто така, преку онлајн платформа се одвиваат и седниците на комисиите при Советот на општина Карпош. И тука имаме квалитетни дискусии и детално разгледување на сите доспеани материјали и предлози пред тие конечно да бидат одобрени. На крајот, би сакал да се заблагодарам и на општинската администрација, која и покрај пандемијата и видно „разретчените редови“, одговорно ги извршува своите задачи. Во изминатиот период се реализирани и поголем дел од усвоените програми за работа на Општината за оваа година, така што успеваме да го одржиме чекорот во работењето – напомена Манолев.

Треба да знаете
Последни објави