По масовните протести, Полска ја одложува примената на спорната одлука за абортус

Десничарската влада во Полска одлучи да го одложи спроведувањето на одлуката со која дополнително се ограничува правото на абортус. Ваквата одлука е донесена по двонеделните масовни протести во Полска.

Владин претставник рече дека се консултирале во владата и дека е потребно повеќе време за дијалог, односно дека се одложува спроведувањето на одлуката.

Уставниот суд минатиот месец донесе одлука дека абортусот на фетуси со вродени мани го крши Уставот и дека таквиот абортус не е дозволен, a со тоа дополнително ги ограничи прописите за абортус во Полска, кои веќе се едни од најстрогите во Европа.

Вродените мани биле главната причина за речиси сите 1.100 абортуси, кои минатата година биле извршени во земјата, што значи дека абортусот е речиси целосно забранет со одлуката на Уставниот суд.

Доколку оваа одлука стапи во сила, абортусот ќе биде легален само во случај на инцест, силување или загрозено здравје на мајката.

Пресудата требаше да биде официјално објавена вчера, а необјавена нема правна сила.

Масовни протести се одржаа во целата земја собирајќи главно млади демонстранти.

Премиерот Матеуш Моравиецки повика на разговори со демонстрантите и опозициските пратеници за изнаоѓање решение.

Треба да знаете
Последни објави