Белгија почнува да се организира за дистрибуција на идната вакцина против Ковид-19, здравствените работници ќе бидат приоритетни, јави дописничката на МИА од Брисел.
Според белгиските медиуми, првата вакцина што ќе пристигне би требало да биде таа на АстраЗенека, а предвидени се 1,2 милиони дози за Белгија.
Од Агенцијата за лекови објаснуваат дека е создадена посебна работна група во земјата која има задача да ја организира на најефикасен начин кампањата на вакцинација што ќе следи откако ќе пристигнат првите дози.
Врховниот здравствен совет на Белгија смета дека мора да бидат приоритетни здравствените работници “во најширока смисла”, што претставува околу 500 илјади лица во цела земја.
Со оглед на тоа дека се потребни две дози, првата испорака од милион вакцини ќе биде резервирана за тие 500 илјади здравствени работници, објаснуваат од здравствениот совет.