Малави ќе биде првата африканска земја што ќе отвори амбасада во Ерусалим, соопшти денеска министерот за надворешни работи на таа земја, Ајзенхауер Мкака, кој е во посета на Израел.
Во видео порака, Мкака му честиташе на Израел за градењето односи со арапските и муслиманските земји врз основа на договорот од Вашингтон, меѓу кои е уште една африканска земја, Судан.
Тој ја опиша одлуката на Израел како „храбар и значаен чекор”.
Израелскиот министер за надворешни работи Габи Ашкенази изјави дека со нетрпение го очекува скорешното отворање на амбасадата на Малави и изрази уверување дека повеќе африкански лидери ќе донесат таква одлука.
Отворањето на амбасадата на Малави во Ерусалим се очекува летото 2021 година, потврди Брајан Банда, соработник на претседателот на Малави Лазарус Чаквара.