Неколку претставници на Националниот собир (РН), поранешниот Национален Фронт се наоѓаат во Соединетите Американски Држави за да бидат сведоци на последните моменти од кампањата на Доналд Трамп, јави дописникот на МИА.
Делегација на избрани претставници на Националниот собир, го преминаа Атлантикот за да ги следат последните моменти од кампањата на Доналд Трамп, како европратениците Катрин Гризет и Жером Ривиер или сенаторот Стефан Равие. Позитивен на Ковид-19, вториот човек на партијата Жордан Бардела мораше да се откаже од патувањето, што добива изглед на патување на ентузијастички обожаватели.
Значаен политички гест, но сепак одмерен, ако се знае дека претседателката на екстремно десничарската партија (која остана во 2017 година во предворјето на Трамп кулата) не отпатува за да го поддржи кандидатот, кој, страда од жална слика во Франција.
Во рамките на РН, исто така, се нагласува дека ова патување не претставува официјална поддршка.
-Но, сигурно, за меѓународната политика, Трамп е подобар од Бајден. Трамп е тој што го отфрла мултилатерализмот, кој ја обезбедува безбедноста на Израел потпишувајќи мировни договори со сите арапски земји и што ја враќа Северна Кореја на вистинскиот пат, забележува член на оваа делегација од Вашингтон за француските медиуми.
Делегацијата на РН исто така го фали билансот на американскиот шеф на државата. Барем „до колавидот” и неговото контроверзно управување.
-Економијата заживеа, стапката на вработеност на црнците и латиноамериканците никогаш не била толку висока, тој практикувал протекционизам за да ги заштити своите индустрии, се нагласува од нивна страна и се додава, дека и покрај критиките и пречките, Доналд Трамп „се зафати со проблемот имиграцијата”.
Пред ова патување, Жером Ривиер (кој има повеќе ентузијастички твитови за американскиот претседател) за весникот Ле Паризиен изјави дека „Трамп беше добар претседател за својата земја” затоа што тој никогаш не ги „водел САД во воена авантура”. Очигледно дека тој заборави дека американскиот претседател започна насочени напади во Сирија заедно со Франција и Велика Британија во 2018 година, по првиот едностран напад во април 2017 година (што во голема мера ги разочара неговите приврзаници). Покрај тоа, засенчена од кризата со коронавирусите, хипотезата за отворен конфликт со Иран се сметаше за (многу) веродостојна на почетокот на 2020 година.
Сепак, од страната на РН, продолжува да се мисли дека милијардерот е вистинскиот човек и дека и покрај неговите падови, тој сепак ги има сите шанси за победа.
-Демократите играат со оган со месеци: тие ги поддржуваат бунтовниците кои убиваат и ограбуваат во големите градови, охрабруваат вистинско движење против белите … Сето ова оди далеку во мобилизирањето на електоратот на Трамп. А, Американците не сакаат безредие на улиците”, уверува еден член на делегацијата.
Во Франција, освен лепенистичката партија, неговите обожаватели посакуваат американскиот претседател да добие уште еден мандат во Белата куќа. Како академикот Едуард Хјусон, кој предава историја на ИССЕП, школа основана од Марион Марешал. Во твитови и видеа, конзервативниот професор, дава детали, со придружни фигури и историски примери, причините зошто анкетите ги потценуваат шансите на Доналд Трамп, шеф на држава чии француски конзервативци, според него, би било добро да се инспирираат и покрај „пропагандната машина” што би дејствувала против нив.
Бидејќи за многу приврзаници на Трамп, не е за жалење неговиот рекорд, туку медиумското покривање.
-Ако победи, францускиот печат сепак ќе мора да го доведе во прашање неговиот третман. Ниту еден позитивен текст! – се жали член на делегацијата на РН од Вашингтон, жалејќи за „ирационалната омраза на француските новинари” кон него.
Сепак, треба да се забележи дека сите приврзаници на Доналд Трамп во Франција не ризикуваат со прогноза. Роберт Менард, кој не го крие воодушевувањето за американскиот претседател – до тој степен што официјално го покани во неговиот град – не покажа огромен ентузијазам како што се приближуваше датумот на изборите.