Џони Деп ја загуби правната битка за клевета во Лондон што може да биде последната сламка во опаѓачката кариера како голема филмска sвезда, но голем дел од штетата веќе беше направена, коментираа холивудски набљудувачи во понеделникот.
Деп (57), најпознат како Џек Спероу во хит-серијалот „Пиратите од Карибите“, го тужеше британскиот таблоид „Сан“ кој го етикетираше како „тепач на жена“ за време на неговата бурна врска со поранешната сопруга, актерката Амбер Херд.
Деп пред судот изјави дека никогаш не бил насилен кон неговата поранешна сопруга и неговите адвокати ја опишаа пресудата како „перверзна и збунувачка“ и дека би било смешно да не ја обжалат.
Метју Белони, поранешен уредник на „Холивуд репортер“, рече дека јадните детали од краткотрајниот брак биле емитувани толку често во последниве години што пресудата во Лондон веројатно ќе нема големо влијание во филмската индустрија.
„Во Холивуд постои чувство дека Џони Деп е извикан, оцрнет бренд, а неговата доминација на бокс-офисот во 2000-тите е завршена“, рече Белони.