– Како што се наближува датумот 10 ноември, кога Европската Унија треба да донесе одлука за преговарачката рамка за Северна Македонија, така се интензивираат контактите и средбите на високо ниво со цел да се изнајде решение со Бугарија, за која пак, преговарачката рамка во оваа форма не е прифатлива и најави дека нема да ја одобри. Во овие средби како посредник се вклучи и Германија, која инсистира на одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија до крајот на годинава, за време на претседавањето на Берлин со ЕУ.
Повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел, МИА вчера објави дека сѐ уште се води битка на амбасадорско ниво од страна на Бугарија во нацрт заклучоците да влезат дополнителни забелешки, но, барем засега, бугарските барања не се прифатени. Денеска во Брисел треба да се одржи состанок на ниво на амбасадори, на кој земјите членки ќе треба да ги усогласат своите позиции во пресрет на министерскиот Совет на кој треба да биде донесена конечната одлука за усвојување на преговарачката рамка со Северна Македонија. Ако се постигне договор денеска, амбасадорите на земјите членки ќе можат да ја усвојат преговарачката рамка, а во спротивно тие повторно ќе се состанат на оваа тема в петок, со надеж дека до тогаш ќе се надминат разликите и ќе се отвори патот министрите на 10 ноември да дадат зелено светло на документот.
МИА разговараше со аналитичари за најновите случувања на релација Северна Македонија – Бугарија, дали сме соочени со уште едно вето на нашиот европски пат, што тоа би значело за реформите и како државава треба натаму да реагира на се поголемите барања на Бугарија, во замена за наше членство во Европската Унија.
Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика (ЕПИ) во разговор за МИА вели дека Бугарија наметнува пристап во кој процесот на пристапување би го претворила во процес на промена на идентитетот. Вели дека ние мораме да бидеме и цврсти и јасни дека сме подготвени за објективен процес на исполнување стандарди за пристапување во ЕУ, но не и за негова злоупотреба за ирационални цели, спротивни токму на тие норми и стандарди.
-Ако ние сега направиме суштествена отстапка, таа може да води кон друго уште поапсурдно барање, друга отстапка, и така до недоглед, оценува Ристевска Јорданова за МИА.
Александар Кржаловски, извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, за МИА вели дека има малку, но и доволно време, да се спречи вето за почеток на преговорите, но, според него, гледајќи ги реакциите на двете страни, од јавниот дискурс до водечките политичари на двете земји, „конфликтот е веќе ескалиран и тешко би се вратил во рамки на можно решение”.
За најавеното бугарско вето за почетокот на преговори, Ристевска Јорданова вели дека ако бугарскиот врв одлучи да блокира, тоа може да се случи, зашто е потребен консензус во ЕУ за донесување на преговарачката рамка.
-Секако дека таквата блокада би имала своја цена за Бугарија, затоа што таа всушност се спротивставува на предлогот на Комисијата, на претседавачот Германија и на сите други држави членки. Сега поголем притисок кон нас доаѓа особено од вицепремиерот Каракачанов и министерката за надворешни работи Захариева за да прифатиме некаков „компромис” по нивна мерка. Видливо е дека европските дипломатии, со прагматичен пристап, бараат формула во која нашата страна би покажала некаков чекор што ќе овозможи спасување на бугарскиот „образ”, па премиерот Борисов потоа да покаже некаква добра волја и да не ја блокира првата меѓувладина конференција, оценува Ристевска Јорданова.
Подвлекува дека бугарско вето би значело голем удар за кредибилитетот на процесот на проширување особено за нашата земја, но и воопшто за регионот и за ЕУ.
-Прашањето за влијанието врз реформските процеси е она суштественото. Во литературата на проширувањето досега важеше правилото дека пристапниот процес дава силен импулс за реформи. Но, сега се поставува прашањето на одржливост на реформите, имајќи ги предвид ретроградните процеси во некои од новите држави членки. Нашите највисоките државни претставници, пак, често пати истакнуваат дека ни е неопходен посилен поттик од ЕУ за реформи, па понекогаш се создава слика дека преговорите сами по себе ќе донесат реформи. Затоа може да се очекува намален поттик за реформи. Меѓутоа, овој пристап на нашите политички елити мора да се смени: ние мораме како држава да имаме внатрешен импулс и визија за промените што ги сакаме како општество, порачува Ристевска Јорданова од ЕПИ.
На прашањето на МИА дали овие позиции на Бугарија може да се толкуваат како предизборна кампања, Ристевска Јорданова истакнува дека некои така и ги толкуваат, иако, според неа, треба да се има предвид дека македонското прашање во Бугарија не е доминантното во моментов во нивниот политички дискурс.
-Сепак мислам дека корените на овие позиции се подлабоки – и политички и социолошки, иако не се рационални и се спротивни на интересите на двете земји. Треба да сме подготвени дека дури и оваа пречка за првата меѓувладина конференција да се отстрани, не значи дека Бугарија нема да нѐ блокира понатаму во преговорите, зашто тие се многу сложени и има можности многу пати да го стори тоа. Се чини дека Бугарија наметнува пристап во кој процесот на пристапување би го претворила во процес на промена на идентитетот, посочува таа.
Во однос на тоа дали македонските власти треба да реагираат со цврсто држење на позициите и подвлекување на црвените линии, Ристевска Јорданова со став дека ако ние сега направиме суштествена отстапка, таа може да води кон друго уште поапсурдно барање, друга отстапка, и така до недоглед.
Посочува дека македонските власти повеќепати ја исцртаа црвената линија во однос на идентитетот и јазикот, но проблемот, вели таа, е што сите бугарски барања од нивната Рамковна позиција чинат „еден пакет” и се нивнo искривоколчено толкување на Договорот за пријателство и добрососедство, што го користат како алатка на принуда, злоупотребувајќи ја својата позиција како држава членка на ЕУ.
-Згора на тоа, со бугарските барања се релативизира постигнатото со Преспанскиот договор и се отвораат прашања што се сметаа за затворени. Натамошното „извлекување од барабанот” на апсурдни барања ќе го претвори пристапувањето, кое треба да биде објективно и засновано на стандарди, во целосна спротивност на она што е декларирано во Стратегијата за проширување. Затоа сите други држави членки на ЕУ сега толку инсистираат „билатералните прашања да останат надвор од преговорите”. Ако ние сега направиме суштествена отстапка, таа може да води кон друго уште поапсурдно барање, друга отстапка, и така до недоглед. Конечно, прашање е дали на тој начин ќе ја задржиме поддршката и почитта на државите членки на ЕУ. Затоа, иако треба да бидеме ладнокрвни во една од Бугарија наметната вжештена клима, мораме да бидеме и цврсти и јасни дека ние сме подготвени за објективен процес на исполнување стандарди за пристапување во ЕУ, но не и за негова злоупотреба за ирационални цели, спротивни токму на тие норми и стандарди, рече Ристевска Јорданова за МИА.
При тоа, посочува, треба да се има предвид дека според сегашната Стратегија за проширувањето процесот е отворен и неизвесно е колку време ќе трае, што значи дека придобивките од членството се неизвесни и се одложуваат, а самиот почеток на преговорите станува „прескап” за нас.
Според неа, доколку не ги почнеме преговорите до крајот на годината веројатен е пад на поддршката за ЕУ. -Она што е поголем ризик е можното намалување на довербата во сопствените инситуции да се справат со предизвиците од повторно блокиран процес на пристапување во ЕУ, оценува Ристевска Јорданова од ЕПИ.
Според Кржаловски од МЦМС, пак, се чини се поизвесно ветото на Бугарија за старт на преговорите. –Видливи се, а има и доста невидливи напори на другите земји членки, а особено на Германија како актуелен претседавач со Унијата, да ги надминат бугарските забелешки или желби или очекувања, барем привремено, за да отпочнат преговорите, но моќна е таа можност за вето што секоја земја членка ја има и може да ја искористи. Паметиме како Грција ја искористи во 2008, посочува Кржаловски.
Оценува дека Бугарија се доведе во непријатна ситуација (а секако и нас), за која нема разбирање во ЕУ (секако ни кај нас), а тешко можат назад (а веројатно не ни сакаат сега).
-Дел од причините се сигурно претстојните избори кај нив, но гледам други и во нивното изненадување какви се отстапки направивме ние кон Грција (откако го склучивме договорот со нив), а не е исклучено и само да го бараат тоа на што со тој Договор сметаат дека Македонија се обврзала, рече Кржаловски.
Додава оти има малку, но и доволно време да се спречи вето за почеток на преговорите, но гледајќи ги реакциите на двете страни, од јавниот дискурс до водечките политичари на двете земји, оценува дека конфликтот е веќе ескалиран и тешко би се вратил во рамки на можно решение.
-Интересна е токму реакцијата кај нас. Сега наеднаш сите изгледаат „национално освестени” и зборуваат за црвени линии. И секој го потенцира правото на самоопределување, како основна вредност. За жал, токму истото начело, а и други ЕУ вредности како право, правда, недискриминација беше еднакво вредно и применливо и во случајот со Грција за името, но во тој случај ние се откажавме од тоа и сега не е за изненадување што Бугарија „ни го качува на глава”, повикувајќи се токму на нашето попуштање пред Грција на сметка на тоа наше право. Грешката или грешките направени тогаш, сега стигнуваат за наплата и скапо ќе не чинат. Доцна е сега да се правиме патриоти, непопустливи и со некакви „црвени линии”, како некои политичари во блиското минато, а особено политичарите кои направија се спротивно од тоа во однос на Грција, вели Кржаловски.
Тој, сепак, дури и во случај на вето од Бугарија, не очекувам битни последици по нашиот евроинтеграциски пат.
-Поддршката на граѓаните можеби малку ќе се намали, но не значително, а Владата е нова и релативно стабилна, освен во поглед на малото мнозинство во Собранието и секако ќе продолжи со потребните реформи, особено тие барани од ЕУ. Може само и натаму да се намалат симпатиите на граѓаните кон Бугарија и да се зголемат предрасудите и стереотипите кон нив, заклучува Кржаловски од МЦМС.