Во рамките на Заедничкото претседателство на Република Северна Македонија и Република Бугарија со Берлинскиот процес, утре во Софија ќе биде одржан состанок на министрите за економија на кој ќе учествува и директорот на секретаријатот на ЦЕФТА Емир Ѓикиќ.
Министерот за економија Крешник Бектеши, информираат од ЦЕФТА, ќе претседава со пленарната сесија за Заеднички регионален пазар, вклучително и Дигитална агенда и Подвижност на младите, додека неговиот бугарски колега Лачезар Борисов ќе претседава со пленарната сесија за Зелената агенда за Западен Балкан, вклучително и „Зелена економија” и поврзаност – Иницијатива за проширување на зелените коридори кон соседните земји-членки на ЕУ.
Состанокот на министрите за економија во рамките на Берлинскиот процес, се вели во соопштението, уште од самото иницирање во 2014 година, стана добро воспоставена платформа за поттикнување на економската соработка и зајакнување на поврзаноста во регионот.
За време на состанокот, исто така, ќе биде презентиран и проектот на ГИЗ за е-трговија во ЦЕФТА регионот.
– Состанокот ќе биде добра можност за отворена дискусија со партнерите како од Западен Балкан, така и со партнерите од Берлинскиот процес, Комисијата, Советот за регионална соработка, ЦЕФТА, Меѓународните и регионалните организации, на важни теми поврзани со економската конвергенција и просперитет на регионот, се вели во соопштението од ЦЕФТА.
Посебен фокус ќе биде ставен на напредокот постигнат од ВБ-6 во воспоставувањето на Заеднички регионален пазар и Зелената агенда за Западен Балкан, вклучително и Иницијативата за проширување на зелените коридори/ленти кон соседните земји-членки на ЕУ. Заедничкиот регионален пазар ќе го интензивира слободното движење на стоки, услуги, капитал и луѓе, вклучувајќи мерки за вкрстување, како што се Зелените ленти, што ги имплементира ЦЕФТА.