Европската куќа (Europe House) во Скопје денеска ја одбележува својата прва годишнина.
Евроамбасадорот Дејвид Гир упати видео порака со која го честиташе првиот роденден на Европската куќа, промовирајќи го младинскиот потенцијал и позитивните искуства во неа.
-Повеќе од 100 „ин хаус” настани, повеќе од 3.400 учесници, повеќе од 120 гости соговорници. Ова накратко е резимето на првата година од работата на „Еуропе хаус”. Дополнително Europe House организираше многу настани надвор од своите простории како што се посети на средни училишта и акции за чистење ширум земјата. Таа исто така организираше различни онлајн дебати пренесувања во живо и поткасти како начин да продолжи со својата работа за време на пандемијата, посочува Гир во видео пораката.
Евроамбасадорот потсети дека на 4 ноември 2019 претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, официјално ја отвори Европската куќа и на симболичен начин го предаде клучот на објектот на студенти.
-Пораката беше: „Млади луѓе, ова е место за вас каде ќе можете да се собирате, да разменувате идеи и да се поврзувате со други луѓе така што ќе создавате свежи можности за вас самите и за вашата земја истовремено”. Позитивните коментари што постојано ги добиваме околу работата на Европска куќа e ја наметна идејата за отворање на слични вакви центри и во други градови. И покрај тоа што Кoвид-19 ни ја забави работата очекуваме наскоро да го видиме раѓањето на „подмладокот” или подобро речено на „помладите браќа и сестри” во Крива Паланка и Струмица, рече Гир.
На крајот тој посака среќен роденден на Европска куќа, посакувајќу уште многу години постоење и уште повеќе активности во безброј простории со уште повеќе можности за младите.