Во вчерашниот билтен на Министерството за здравство беа регистрирани нови 913 случаи со КОВИД-19 од 2731 тестирање и 24 починати пациенти, најмногу од почетокот на епидемијата. Тие се на возраст од 37 до 82 години и со нив досега вкупно 1049 луѓе од земјава ја загубија битката со вирусот.
Вкупниот број заразени достигна 33 908, а оздравени се 21 665. Активни се 11 194 случаи, од кои речиси половина (5304) се во Скопје. Меѓу 913-те новозаразени, исто така, најмногу се во главниот град (459). Висок е бројот и во Велес (79) и Прилеп (78), а двоцифрени нови случаи имаат и Тетово – 44, Охрид – 37, Битола – 33, Струмица – 26, Куманово – 25, Кавадарци – 24, Штип – 18 и Струга – 11.
Владата вчера на седница ги усвои новите мерки со цел да се спречи ширење на заразата. Угостителските објекти, вклучително и тие што се на бензинските пумпи, нема да работат по 21 часот. Исклучок се угостителските објекти на ТАВ-аеродромите во Скопје и Охрид, хотелските ресторани за гостите кои се сместени во хотелите, како и доставата и шалтерската продажба на храна.
На седницата Владата донесе одлука по 21 часот да биде забрането групирање на повеќе од четири лица на јавен простор. Усвоена е препорака за сите домашни и странски граѓани на територијата на државава по 21 часот да не се движат на јавен простор доколку немаат важни и неопходни потреби, како и препорака за граѓаните да не се групираат во домовите за семејни прослави, слави или други собири во групи поголеми од четири лица, кои не живеат во иста заедница.
Прифатен е и предлогот на Министерството за здравство за потребата од дополнителна асистенција на припадниците на Армијата во обезбедувањето на болниците како дополнителна испомош на припадниците на МВР со заклучок да се побара согласност од Претседателот на државата.
Министерството за здравство од две компании доби донација од 13 000 тестови кои преку алгоритам на матичните лекари ќе бидат бесплатно достапни за сите пациенти на кои ќе им биде потребно брзо тестирање.
Здравствениот дом Скопје договори со добавувачот да ги повлече претходно купените тестови и да се користат само тестовите донирани од Министерството за здравство кои ќе бидат бесплатни за граѓаните. Закажувањето за овие тестови почна вчера. Министерството информираше дека лицата што беа тестирани во понеделникот со надомест од 1.000 денари ќе бидат повикани и средствата ќе им бидат вратени.
Во неделниот статистички пресек, за периодот од 26 октомври до 1 ноември, Институтот за јавно здравје регистрирал 5800 нови позитивни случаи од 35 градови во државата. Дијагностицирани се 33,5 отсто од тестираните и зголемување од 70,1 отсто споредено со неделата претходно. Во седумте дена на наведениот период биле пријавени 88 смртни случаи од 21 град, што е зголемување од 4,8 отсто во однос на минатата недела.
Во зависност од напредокот, очекувањата се дека вакцината за заштита од вирусот ќе биде достапна на почетокот на следната година, смета министерот Венко Филипче. Државава аплицирала за вакцини за 20 отсто од населението преку Ковакс-механизмот, како и други земји во регионот и во Европа.
– Тоа се 800 000 дози, зашто ќе треба по две дози, една и после неколку недели уште една, согласно со сегашните сознанија за развој на антителата. Вакцината нема да биде задолжителна, бидејќи не е влезена во календар, но ќе има силна препорака, истакна министерот Филипче.