Црногорската полиција во соработка со албанската на граничниот премин Божај – Хан Хоти, на црногорско – албанската граница, вчера запленила 2,6 тони марихуана откриена во камион со албански сообраќајни ознаки.
-Дрогата е откриена во камион управуван од албанскиот државјанин Елвис Чалик(40) при влез на црногорска територија. Камионот претходно бил натоварен со овошје во Грција и поминал преку преминот Капштица. Продолжил транзит низ албанска територија кон земјите на Европската унија, стои во соопштението на албанската полиција.
Се додава дека, по размената на првичните информации со црногорските колеги, испратена е во Црна Гора група специјалисти за истрага на наркотици, со цел да се спроведе заедничка истрага и да се утврди потеклото на дрога.
Медиумите сепак наведуваат дека постојат основи на сомнение дека во камион со овошје дрогата е натоварена во Албанија.