Сојузот на синдикати на Македонија ја поздрави одлуката на Владата да биде целосно покриено боледувањето на оние кои се болни, во изолација и самоизолација од Ковид-19.
– Ваквото барање на ССМ беше презентирано до социјалните партнери во целиот изминат период и укажуваше дека во активностите за сузбивање на заразната болест Ковид 19, покрај здравствените работници, учествуваат и голем број работници од други дејности и институции и заради начелото на еднаквост, рамноправност и еднаква достапност на правото за сите, заболувањето од Ковид 19 кај сите работници изложени на вирусот, треба да се третира како професионална болест со право на 100 проценти надомест на плата. Уште еднаш се потврдува дека преку социјалниот дијалог кој го води ССМ со Владата, многу лесно може да се изнајдат прифатливи решенија на проблемите со кои се соочуваат работниците, се наведува во денешното соопштение од синдикатот.
Од ССМ сметаат дека во Правилникот за професионални болести треба да биде внесен и Ковид-19.
– Поаѓајќи од тешката егзистенцијална состојба во која од почетокот на здравствената криза предизвикана од корона вирусот, се најдоа голем број на работници со тоа што се заразија вршејќи ги своите работни задачи, односно им беше определена изолација како резултат на изложеноста на вирусот пред се на работните места, ССМ предлагаше и смета дека во Правилникот за листа на професионалните болести треба како професионална болест да се смета заразата со Ковид 19, не само за здравствените работници, туку и за работниците од други дејности каде е можен контакт и изложеност на Ковид 19, велат од ССМ.