Малиот грчки остров Астипалеа во југоисточниот дел на Егејското море ќе се претвори во првиот паметен, зелен и одржлив остров, со повеќе електрични возила, преку Меморандумот што денеска го потпишаа заменик-министерот за надворешни работи на Грција и германската компанија „Фолксваген”. На денешната онлајн манифестација на потпишувањето на меморандумот, заменик-министерот за надворешни работи на Грција Костас Франкојанис презентирајќи го проектот, објасни дека стариот возен парк на островот ќе се замени со електрични возила.
Паралелно, ќе се изградат станици за полнење, а ќе се гарантира дека најголемиот дел за електричните потреби на островот ќе бидат од обновливи извори на енергија.
Грчкиот премиер Кријакос Мицотакис истакна дека еден од плановите, за кој рече дека можеби е малку радикален, е сите возила на островот да се заменат со електрични, а исто така додаде дека е потребна и соодветна инфраструктура.
-Астипалеа може да стане модел за одржлив развој, не само на национално, туку и на европско и глобално ниво. Може да биде пример за тоа како мали заедници може да имаат бенефиции од решавање на старите проблеми со нови решенија. Секако, она што ќе го пробаме на Астипалеа, и доколку успее, а ќе успее, може да се спроведе и на други места, рече Мицотакис и изрази целосна убеденост дека сите ќе бидат горди на она што ќе се постигне.
Додаде дека денешниот меморандум е ја истакнува за атрактивноста на Грција како инвестициска дестинација.
Претседателот на Управниот одбор на групацијата „Фолксваген”, Херберт Дис, рече дека Меморандумот за разбирање е базиран на заедничката одговорност и интерес што ги имаат политичарите, бизнисите и општеството за ограничување на климатските промени.
Објасни дека денешната мобилност на островот, речиси целосно зависи од автомобили, за кои наскоро ќе има целосно развиен екосистем, електрични возила.
По денешното потпишување на меморандумот, проектот ќе започне да се имплементира во првиот квартал од следната година, а се очекува да се финализира на крајот од 2026 година.
Островот Астипалеа има 1.334 жители, а секоја година, просечно го посетуваат 72.250 туристи.