Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на својот профил на Фејсбук попладнево објасни зошто не присуствувал на денешната седница на собраниска Комисија за надворешни работи, посочувајќи дека веднаш ја прифатил поканата но оти со оглед на Ковид-19, сакал неговото присуство да биде дигитално.
-На два ума бев дали воопшто вреди да објаснувам, но вистината е над сè. И покрај тоа што поканата од претседателот на Комисијата за надворешна политика на Собранието ја добив од вчера за денес, мојот кабинет веднаш стапи во контакт и посочи дека би сакал да учествувам во дебатата во било кој формат, но дигитално, со оглед на Ковид19. Ни одговорија дека немаат таква можност по Деловникот. Им укажавме дека може да биде и неформална седница или конференција. Па разбравме дека наводно немале технички можности (за таква работа замислете треба компјутер). Во услови кога деновите ми се важни, и треба да бидам негативен за да си ја работам работата, немам намера да си го загрозувам моето и здравјето на другите. Толку околу „шокираноста” што не сум се појавил, напиша Димитров на Фејсбук.