Aдвокат Стојанче Геровски како претставник на ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива до Уставниот суд.
-Со задоволство ве известувам дека денеска ја поднесовме веќе најавената иницијатива до Уставниот суд за оценување на неуставност на одредби од Законот за енергетика, како и на одредби од Мрежните правила одобрени од Регулаторната Комисија, а за жал се уште одобрени од Владата на Република Македонија.
А, кои што одредби ЕВН ги користи за исклучување на домаќинствата од системот за напојување со електрична енергија поради неплатени сметки.
Се надеваме дека Уставниот суд посебно и секако уставните судии кои што претставуваат примат на она што се вели чесност и правичност, со внимание ќе пристапат кон разгледување на оваа Иницијатива. И со тоа ќе стават крај на повеќе децениското незаконито постапување од страна на ЕВН во делот на исклучувањето на струјата од домаќинствата.
Со едно вакво прифаќање на Иницијативата за поништување на одредбите, Уставниот суд ќе застане на страната на правдата и пред се ќе ги заштити ранливите категории на граѓани, иако оваа Иницијатива се однесува сите домаќинства, односно за сите граѓани на Република Македонија.
Впрочем тоа произлегува и од самиот Закон за енергетика кој што децидно упатува на заклучокот дека оваа компанија има за обврска непрекинато и во континуитет да испорачува електрична енергија.
Децидно се предвидени и моментите и условите кога оваа компанија може да го прекине дотокот на електричната енергија. А, тоа е само во случај на поголеми хаварии, каде што се исклучени една, две улици, или една – две населби, или поголеми региони, зависно од хаваријата. Или во услови на виша сила каде што нема човечки фактор. Во ниту еден друг момент оваа институција нема право да ја исклучува струјата посебно за неплатени сметки за струја кои што треба да бидат докажани во легитимна судска постапка пред надлежен суд.