Република Северна Македонија активно соработува со европската мрежа на научници преку Организацијата за европска соработка во науката и технологијата (COST), која го финансира создавањето истражувачки мрежи, COST Action.
Во моментов се реализираат над 200 СОЅТ акции (проекти), во кои учествуваат повеќе од 500 професори од нашата држава. Ваквиот начин на вмрежување овозможува отворен простор за соработка меѓу научниците низ Европа и пошироко и го поттикнува напредокот во истражувањето и иновациите.
МОН соопштува дека нашиот научник проф. д-р Зоран Т. Поповски, по тригодишен мандат, минатиот месец е повторно избран за член на Извршниот одбор на Комитетот за европската соработка во науката и технологијата (COST). Со неговиот реизбор, посочува МОН, нашата земја продолжува активно да учествува во организацијата и е прва земја којашто не е членка на ЕУ, а има свој преставник во нејзините највисоки тела.
COST (Cooperation in Science and Technology in Europe) е најстарата и најголема програма за вмрежување во науката во Европа која е основана во 1971 година со седиште во Брисел.
СОЅТ има годишен буџет од околу 45 милиони евра и во оваа програма освен членките на ЕУ, учествуваат и земјите од Европа кои не се членки на ЕУ (Швајцарија, Норвешка, Исланд, Молдавија и Турција), како и земјите од Западен Балкан (Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово). Нашата држава членува во СОЅТ од 2002 година.