Министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас и портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, ја оставија отворена можноста да се забрани движење меѓу регионите во Грција.
Пецас говорејќи за грчката телевизија „Опен” ги отфрли шпекулациите за воведување целосен карантин во областа Атика, меѓутоа објасни дека движењето меѓу регионите е едно од прашањата што веќе извесен период го разгледуваат и Владата и епидемиолозите.
– Ако биде потребно, една од мерките да биде забрана за движење меѓу регионите, нема да се двоумиме да донесеме таква одлука, доколку тоа ни го препорачаат експертите, рече Пецас.
Министерот за здравство на Грција за телевизијата „Стар” ја истакна потребата граѓаните да ги почитуваат мерките, бидејќи „не може да има по еден полицаец за секој граѓанин”.
Медиумите во Грција споменуваат дека е можно да се забрани движењето од и кон областа Атика за викендите, со оглед на тоа дека поширокиот регион на Атина е во црвената зона, наспроти околните општини кои што се во жолтата зона.
Во црвената зона, затворените се угостителските објекти и кафулињата, додека пак во жолтата функционираат како и до сега.