Пленковиќ: Пред Хрватска се тешки месеци полни со предизвици

Хрватскиот премиерот Андреј Пленковиќ денеска поднесе извештај до Парламентот за годишната работа на Владата при што порача дека пред Хрватска се тешки месеци полни со предизвици и ги повика сите на одговорност, пожртвуваност и солидарност.

– Ова е време на одговорност на секој од нас, бидејќи неодговорноста би била фатална, ова е време на пожртвуваност на секој од нас, затоа што со чување едни со други придонесуваме за заеднички успех, ова е време на солидарност на целата нација, бидејќи наместо штетни поделби ни треба единство, рече Пленковиќ.

Основна задача на Владата во следната година и подолго, според хрватскиот премиер, ќе биде да работи на намалување на несигурноста и зајакнување на безбедноста – здравствената, социјалната и економската.

Тој рече дека ова првенствено се однесува на зајакнување на здравствениот систем, зачувување на работните места, намалување на нееднаквоста, поголема социјална правда и рамномерен развој на цела Хрватска.

Како приоритети на долгорочната работа на Владата, Пленковиќ го истакна поттикнувањето на демографската ревитализација на Хрватска, намалувањето на иселувањето со економска и даночна политика, рамномерен регионален развој и еднакви можности за сите граѓани, модернизација на железницата, патиштата, болниците, училиштата и градинките.

Тој исто така најави зголемени инвестиции во земјоделството, како и зајакнување на хрватското село, намалување на енергетската зависност од увоз, обезбедување подостапна, почиста и поевтина енергија со зачувување на природните ресурси.

Тој најави и подобрувања во образовниот систем и зајакнување и унапредување на дигитализацијата во таа и во другите области.

Пленковиќ рече дека Владата ќе ги зајакне државните институции, пред сè ефикасноста на државната и јавната администрација и судството.

Хрватскиот премиер најави промовирање на потолерантна атмосфера во општеството во кое се почитуваат различните мислења, но и сузбивање на говорот на омраза и лажните вести кои поттикнуваат дискриминација, нетолеранција, радикализација и насилство.

Пленковиќ најави заложба за проширување на Европската унија кон земјите од Југоисточна Европа, кои, како што рече, ќе ги исполни сите потребни услови и критериуми.

Треба да знаете
Последни објави