Онлајн-настава на ниво на целата држава успешно следат 90,2 проценти од учениците, рече министерката за образование и наука Мила Царовска при денешната работна посета на Прилеп.
– За останатите девет проценти, наставата се следи преку телевизија, но и со доставување печатени материјали до учениците. Благодарност до Националната радиотелевизија заради тоа што овозможи 15-минутни часови да се одвиваат и на телевизија. Како МОН сме задоволни од моделот на настава којшто се избра заедно со Владата, а тоа е комбиниран, дел со физичко присуство дел со онлајн-настава, изјави Царовска.
Во наредниот период следува оценувањето на учениците, а до 20 ноември треба да се утврди и првото тримесечје. Царовска укажа дека и наставниците и учениците ќе имаат поддршка за сите предизвици.
Градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски изјави дека на територијата на општината не се забележани потешкотии во изведувањето на наставата од далечина, а наставата со физичко присуство се одвива соласно со протоколите.
Царовска и Јованоски изразија благодарност до компаниите кои преку донации обезбедуваат ИТ-уреди за учениците и наставниците.
МОН соопшти дека компанијата „Витаминка” и продукцијата „Охо” и „Преспав” денеска обезбедија 100 таблети. Од нив 50 се донација за ученици од социјално ранливи семејства во Прилеп, а останатите 50 за ученици од Битола.