Антикорупциска истражува судир на интереси кај членот на Регулаторната комисија за енергетика Атанаско Тунески. Барањето стигнало од енергетска компанија од земјава. Во пријавата стои дека има сомнеж дека Тунески го прекршил Законот за спречување на корупција и судир на интереси, објави Телма.
Антикорупциска треба да испита како е можно Тунески како член на РКЕ кој е должен да учествува во работата и одлучувањето на седниците на Комисијата, истовремено да има увид во работата на енергетска компанија каде поседува 10 обични акции и евентуеално дали го прекршил Законот за спречување на корупција и судир на интереси прикривајќи дека има приватен интерес во енергетска компанија кој не го навел прецизно во анкетниот лист.
Согласно Законот службено лице не може во текот на мандатот, како и во рок од три години по неговиот престанок да стекне по која и да е основа и во кој и да е облик акционерски права во правно лице врз кое органот во кој работи, врши надзор, стои во пријавата.
Од друга страна енергетската компанија се повикува и на Законот за енергетика во кој има специјален дел за судирот на интереси и е прецизирано дека член на Регулаторната не може да биде акционер во компании кои имаат лиценца за вршење на енергетска дејност.
„Согласно став 2 од овој член, лицата од став 1 се должни да ги прекинат своите интереси во правните лица, кои се носители на лиценци за вршење на енергетски дејности, преку продажба на акциите“– стои во пријавата до ДКСК.
Според анкетниот лист кој Тунески го доставил до ДКСК неговиот имот тежи над половина милион евра, и притоа пријавил акции вредни околу 30.000 евра, но не навел во кои компании. На повеќе штедни книшки во една банка има заштеди, и на неговои име и на име на сопругата од 300.000 евра. Само од камати од заштедите годишно му легнуваат околу 8.000 евра, а во сефот во банка му тежи 20.000 евра. На негово име и на име на сопругата завел три станови во Скопје, од 94,87 и 51 метар квадратен вредни околу 205.000 евра – објави ТВ Телма.