ВМРО-ДПМНЕ денеска во општина Карпош и општина Гази Баба одржа протести под мотото „Загадувањето убива кога власта е неспособна-Стоп за депониите“.
-Аерозагадувањето и грижата за животната средина се теми за кои е потребно сериозна посветеност, а не лаги и празни ветувања. Доколку остане уште некој кој верува на власта ќе ве убедува дека 4 години биле малку дека проблемот само што не го решиле. Во реалноста за власта грижата за здравјето на граѓаните нема важност, важно е само да течат нивните тендери. Грејната сезона уште не е започната, а мерните станици во Карпош веќе го регистрираат воздухот како токсичен. Граѓаните залудно објавуваат фотографии на запалени мини депонии, места каде се горат кабли и гуми. Залудно здравствените работници укажуваат на сериозноста и можните ризици со пандемијата за КОВИД-19 во услови на загаден воздух. Залудни се сите апели и декларации од невладините организации кога градоначалникот на Град Скопје и општина Карпош живеат во некој нивни свет, нивна реалност целосно игнорирајќи го фактот дека депониите постојат и дека постојат места што се типичен извор на загадување. За да им заштедиме многу време и уште повеќе средства еве денес се обраќаме на една од локациите за кој што сите граѓани знаат дека се топи и гори, се и сешто, истакна при своето обраќање Адријана Јакимовска Панчевска.
Таа запраша што е полошо дали тоа што ништо не превзема власта за да се намали загадувањето или доколку нешто е превземено секогаш е прескапо и без ефект.
Освен во Карпош протест под мотото „Загадувањето убива кога власта е неспособна-Стоп за депониите“ се одржа и во општина Гази Баба каде се говореше за загадувањето кое доаѓа од депонија „Вардариште“.
-Како да не е доволно што централната и градската власт ништо не превземаат со загаденоста на воздухот која и оваа година ни се закануваат. Дополнително здравјето ни се загрозува и од оваа депонија. Да се потсетиме дека долго време наназад реагираме за палањето на отпад, за миризбата која доаѓа од депонијата. Имаше реакции за тоа што Комунална хигиена овде исфрлаше смет за што народниот правобранител отвори постапка. Ништо не е променето оттогаш, напротив состојбата се влошува. Потенцијална опасност се и заразите од разниот материјал кој се рафрла. Бараме веднаш и без изговори префрлање на топката од една на друга институција, Петре Шилегов и неговиот сопартиец Борче Георгиевски итно да ја затворат депонијата „Вардариште“ кој очигледно заборавиле. Но во оваа прилика да ги потсетиме дека за овој простор е донесен детален урбанистички план со кој се предвидува зеленило и спортско-рекреативни терени, рече Александар Трајковски на денешниот протест.