Министерката Шекеринска попладнево учествуваше на виртуелна тркалезна министерска маса организирана од Глобалниот самит на жени посветена на положбата на жените, нивните лидерски специфики и проекти за нивна социјална и економска еднаквост со мажите.
Во својот настап министерката Шекеринска ја истакна посветеноста за зголемување на застапеноста на жените во одбраната и Армијата и постигнатиот висок резултат.
“На чело на одбраната дојдов пред три години со јасна цел час поскоро да станеме членка на НАТО. И успеавме. Но, тоа не не спречи истовремено високо на агендата да ги ставиме родовите прашања во Министерството и во Армијата. И на оваа тема успеавме – ги сменивме сфаќањата дека Армијата е терен само на мажите”, подвлече министерката.
Шекеринска додаде дека присуството на повеќе жени во Армијата и во одбраната е порака дека се сменети работите и дека жените имаат што да придонесат во безбедноста.
“Процентот на жени во Армијата е во постојан пораст, за трипати го зголемивме бројот на жени полковнички, и се гордееме што бројот на жени на раководни места во одбраната го зголемивме од 32 на 58 проценти, а на кадетките во Воената академија од 23 на 48 проценти”, истакна Шекеринска.
Конференцијата ја отвори претседателката на Глобалниот самит за жени Ирена Нативидад а на виртуелната маса учествуваат високи владини претставнички од повеќе од 20 земји и од Обединетите Нации, и истакнати застапнички за женски права.