Горан Пандев во улога на џокер од клупата не успеа да ја спаси Џенова од пораз на домашен терен при конечни 1-2 против Торино. Капитенот на македонската репрезентација ги одигра вторите 45 минути од заостанатиот меч од третото коло, кој се одложи за денес по активни случаи на ковид-19.
Пандев со одличната асистенција до Скамака придонесе за домаќините да намалат на 1-2 во третата минута од судиското надополнување, по што немаше време за евентуално реми.
Гостите од Торино до 26-тата минута на двапати ја затресоа мрежатана Џенова, прво Лукиќ погоди во 10-тата минута, а потоа Пелегрини си постигна автогол.
Пандев влезе на местото на Голданига, што значи дека тренерот Маран комплетно ја промени формацијата и тргна поофанзивно во второто полувреме, меѓутоа не се избегна третиот пораз по шест кола во Серија А.
Инаку за Торино ова е прва победа сезонава, па сега заостанува еден бод за Џенова која стои на 17-тото место со пет бода.