Основното училиште „Ристо Ристески“ од с. Долно Косоврасти победи на онлајн натпреварот по кодирање со уредот „Микро:бит“. Натпреварот го организираше Британскиот совет во соработка со Министерството за образование и наука, како дел од програмата „Училишта на 21век“. Учениците Ермира Оручоска и Сеад Рустемоски го изготвија проектот наречен „Правосмукалка Мирина в1.0“, под менторство на наставникот Ристо Коларовски. Второто место го освои училиштето „Ашим Агуши“ од с. Радолишта, Струга со проектот „Класификација на отпадот со употреба на микробит“, а третото место му припадна на училиштето „Страшо Пинџур“ од Карбинци кое го изготви проектот „И СМАРТ И СПОРТ (паметна употреба на паметни уреди)“.
Министерка за образование и наука Мила Царовска, обраќајќи се на учесниците на натпреварот, рече дека досега 65% од училиштата се опремени со микро:бит уреди.
„ Ако успееме микро:бит уредот да се воспостави како задолжителна настава за сите, во самиот курикулум и да го користат сите училишта во различни предмети, согласно реформата која што се подготвува за концепцијата во основното образование, тогаш како држава ќе може да се пофалиме дека веројатно во наредните 10 години ќе имаме многу повеќе дигитално писмено население “, истакна Царовска.
Натпреварувачите ги поздрави и британската амбасадорка Рејчел Галовеј, посочувајќи дека дигитализацијата е процес во кој наставниците учат заедно со своите ученици.
Во последната фаза од натпреварот се квалификуваа 9 основни училишта од државата. Учениците и нивните ментори имаа задача да изготват проекти кои ќе понудат решенија за некои секојдневни проблеми од нивното опкружување. Сите фази од натпреварот, вклучително пријавувањето, почетната оценка на проектите и самиот настан, се одвиваа онлајн.
За да бидат успешни, покрај вештините за кодирање, училишните тимовите ги користеа и нивните вештини за решавање проблеми и критичко размислување. За да се квалификуваат успешно за натпреварот, тие ги усовршија нивните вештини за презентирање и создавање видеа.
Програмата „Училишта на 21век“ е финансирана од Владата на Обединетото Кралство.